Надзорниот одбор на Фолксваген во Волфсбург го одобри најобемниот план за штедење во сите 89 години постоење на автомобилскиот гигант. Заедно со претходно договорените кратења, најголемиот европски производител до 2030 година ќе отпушти вкупно 100.000 работници ширум светот. Компанијата ова го опишува како најдлабок програм за трансформација, кој дополнително ќе ја зафати и компанијата Порше со укинување на секое петто работно место.
Планот предложен од генералниот директор Оливер Блуме предвидува намалување на портфолиото на модели за околу 50 проценти до 2035 година. Дополнително, бројот на варијанти и нивоа на опрема ќе се скрати за дури 75 проценти со цел да се намалат трошоците. Одборот исто така даде зелено светло за постепено гасење на познатиот бренд Сеат до 2029 година.
Фабриките во Емден, Цвикау, Хановер и Некарсулм постепено ќе престанат со производство на автомобили во периодот меѓу 2031 и 2034 година. Германскиот производител признава дека во Европа има годишен вишок на капацитети од дури 500.000 возила кои не можат да се продадат. Раководството на компанијата тврди дека овие остри чекори се неопходни за нивните препознатливи брендови да станат поконкурентни на пазарот.
Оваа сурова одлука дојде по неколкунеделни напрегнати преговори меѓу управата и претставниците на работниците кои се бореа против острите мерки. Синдикалните лидери на крајот согласија на компромис, но порачаа дека нема да дозволат целиот товар да падне исклучиво врз грбот на вработените. Локалните власти во Долна Саксонија исто така го поддржаа планот како единствен заеднички пат кон неопходната трансформација.
Автомобилскиот гигант во првата половина од годината забележа пад на нето добивката од дури 30 проценти. Главната причина за ваквиот финансиски удар е драстичниот пад на продажбата во Кина, каде што домашните производители нудат значително поевтини електрични автомобили. Поради тоа, Фолксваген ги намалува планираните капитални инвестиции и се фокусира исклучиво врз одржливоста на бизнисот.