Протестите во Албанија против предложеното луксузно одморалиште на фирмата на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, добија име што брзо се прошири во јавноста — „Фламинго револуција“.
Причината е едноставна: фламингата станаа симбол на отпорот против проектот што, според еколозите, би можел да навлезе во едно од најчувствителните природни подрачја во земјата.
На протестите во Тирана, демонстрантите носеа големи картонски исечоци во форма на фламинго, транспаренти и албански знамиња. Пораките беа директни: „Каде ќе живеат сега?“ и „Албанија не е на продажба“.
Токму затоа протестите го добија ова име. Фламингото не е само визуелен симбол, туку потсетник на природниот екосистем што активистите велат дека е загрозен од проектот. Подрачјето околу Звернец и островот Сазан е дом на фламинга, повеќе од 200 видови птици преселници, медитерански фоки и морски желки.
Во 2024 година, Кушнер објави дека неговата фирма за приватен капитал „Афинити партнерс“ планира развој на големо одморалиште на ненаселениот јадрански остров Сазан и на крајбрежјето кај Звернец, во близина на Валона. Проектот би можел да вклучува до 10.000 хотелски соби.
Еколозите предупредуваат дека таков проект би можел да влијае врз стотици хектари недопрени плажи и врз илјадници фламинга што секоја година се гнездат или минуваат низ блиските области. Дополнителна загриженост предизвикаа и измените во законот за заштитени подрачја во 2024 година, со кои се отвори можност за туристички развој во дел од некогаш заштитените области.
Албанскиот премиер Еди Рама, пак, тврди дека проектот сè уште не е во финална форма и дека еколошката проценка е во тек.
„Предизвикот не е да се истура бетон врз главите на фламингата. Предизвикот е да се докаже дека развојот и природата не само што можат да коегзистираат, туку се потребни едни на други“, изјави Рама.
Тој ги отфрли протестите како политички поттикната кампања и оцени дека тие се засилени од критичарите на Доналд Трамп.
„Да не беше Џаред, на никого немаше да му биде гајле за тоа што се случува во Албанија. Оние што го мразат Трамп помогнаа во засилувањето на протестите“, изјави Рама.
За демонстрантите, сепак, „Фламинго револуцијата“ е повеќе од протест против еден туристички проект. Таа е порака дека природата, јавниот интерес и заштитените подрачја не смеат да бидат жртва на луксузен развој и политички врски.