„Флајдубаи“ ги прекина летовите за Израел по обидот за соборување авион

Авиокомпанијата чека крај на истрагата, додека Нетанјаху предупредува дека е прерано за заклучоци околу вмешаност на Иран.
Фото: Mohammadreza Farhadi Aref, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Авиокомпанијата „Флајдубаи“ ги суспендираше сите летови за Израел откако пилот со нож го нападна колегата во кабината за време на лет од Дубаи кон Тел Авив. Инцидентот се случил додека во леталото имало над 170 патници, главно израелски државјани. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека напаѓачот набрзо ќе биде екстрадиран и предупреди дека сè уште е прерано да се тврди кој стои зад обидот за уривање.

Драмата се одвивала на комерцијален лет кон Тел Авив кога еден од пилотите ненадејно извадил нож и физички го нападнал другиот за да преземе целосна контрола врз леталото. Додека авионот брзо губел висина, група патници успеале насилно да влезат во кокпитот, да го совладаат напаѓачот и да ја стабилизираат ситуацијата. Авионот потоа бил безбедно приземјен на аеродром во Саудиска Арабија, без жртви меѓу патниците.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за „Фокс њуз“ наведе дека властите активно истражуваат дали напаѓачот делувал сам или имал помагачи. Тој посочи дека во моментов е прерано да се извлекуваат заклучоци за директна вмешаност на Иран. Напаѓачот моментно се наоѓа во притвор кај саудиските власти, а Нетанјаху потврди дека разговарал со претседателот на Обединетите Арапски Емирати за претстојната екстрадиција, при што било договорено и израелски инспектори да бидат вклучени во испрашувањето.

Израелскиот амбасадор во ОН го оцени случајот како терористички чин, а Министерството за надворешни работи на Израел испрати допис до дипломатите во кој го дефинираше настанот како директен напад врз Абрахамскиот договор од 2020 година. Израелски извори наведуваат дека осомничениот е државјанин на Оман, иако властите во Мускат и Абу Даби сè уште немаат излезено со официјална потврда. Од „Флајдубаи“ соопштија дека сите рути кон Тел Авив остануваат замрзнати додека не заврши целосната безбедносна истрага, апелирајќи до јавноста да не шири шпекулации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс