Фински научници открија врска меѓу редовното пиење кафе и тестостеронот

Податоците од 2.264 испитаници покажуваат помалку маснотии и повеќе мускулна маса кај љубителите на кафе, заедно со специфични хормонални промени.

Редовното пиење кафе е поврзано со поповолен хормонален профил кај мажите, помалку телесни масти и поголема мускулна маса, покажува новата студија на Универзитетот во Оулу од Финска, објавена во списанието European Journal of Nutrition. Истражувачите анализирале податоци од 2.264 лица на 46-годишна возраст и утврдиле дека позитивните метаболички ефекти се појавуваат дури и кај луѓе со идентичен индекс на телесна маса.

Истражувачкиот тим ги анализирал податоците од долгорочната студија на родени во Северна Финска од 1966 година. Резултатите покажуваат дека лицата кои пијат повеќе кафе имаат пониско ниво на вкупни и висцерални масти, но и поголема скелетна мускулна маса.

Овие разлики се забележани без оглед на телесната тежина или индексот на телесна маса (BMI). Кај мажите и кај жените со поголем внес на кафе е регистрирана и пониска концентрација на аминокиселини со разгранет синџир во крвта. Хронично покачените нивоа на овие аминокиселини во медицината се директно поврзани со инсулинска резистенција и зголемен ризик од развој на дијабетес тип 2.

Најизразените биолошки разлики се утврдени кај машката популација. Поголемиот внес на кафе кај мажите бил поврзан со подобар профил на гликоза и инсулин, повисоко ниво на вкупен и биолошки достапен тестостерон, како и повисоки концентрации на глобулинот што ги врзува половите хормони (SHBG). Слободниот тестостерон и слободниот андроген индекс биле умерено пониски.

Кај жените, ефектите биле помалку изразени и главно се сведувале на зголемување на SHBG и пониски вредности на слободните андрогени.

„Кафето го пијат милиони луѓе секој ден, но сè уште знаеме малку за тоа како влијае на метаболизмот и хормоните. Она што се издвои во нашите наоди е јасен хормонален потпис што не исчезна дури ни кога ги земавме предвид индексот на телесна маса и факторите на животниот стил“, изјави Лука Вероест, водечки автор на студијата и докторанд на Универзитетот во Оулу.

Бидејќи истражувањето е опсервациско, авторите нагласуваат дека наодите не можат да докажат директна причинско-последична врска меѓу кафето и биолошките промени. Истражувачите во моментов спроведуваат дополнителни испитувања врз животински модели за да изолираат кои точно состојки од кафето влијаат на овие процеси, пред да се префрлат на интервентни студии кај луѓе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс