Финалето на Лига Европа во 2029 година ќе се игра во Белград, одлучи Извршниот комитет на УЕФА на денешниот состанок. Српската престолнина ќе биде домаќин на завршниот натпревар од ова европско клупско натпреварување на новиот Национален стадион, потврдија официјално од европската фудбалска централа. Ова е првпат Србија да добие организација на клупско европско финале од ваков ранг во поновата фудбалска историја.
УЕФА пресече престижниот натпревар во мај 2029 година да се одигра на новото фудбалско здание на Србија, кое сè уште не е завршено. Објектот во моментов се гради на периферијата на Белград, во рамки на комплексот предвиден за специјализираната изложба ЕКСПО 2027.
Со оваа одлука, Белград застанува рамо до рамо со Букурешт, кому му припадна организацијата на финалето во 2028 година на Националната арена. Романскиот стадион веќе беше домаќин на финалето во 2012 година меѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао, како и на натпревари од Европското првенство во 2020 година, додека за Белград ова ќе биде премиера на сосема нов терен.
Пред Букурешт и Белград, домаќин на финалето во 2027 година ќе биде Франкфурт.
На истиот состанок УЕФА ги одреди градовите домаќини и за останатите машки и женски клупски финалиња за сезоните до 2029 година:
- Финалето во Лигата на шампионите во 2028 година ќе се игра на „Фудбалската арена“ во Минхен, додека во 2029 година најдобрите два тима ќе се сретнат на реновираниот „Камп Ноу“ во Барселона.
- Завршницата на Конференциската лига во 2028 година оди на стадионот на Јувентус во Торино, а во 2029 година во „Пушкаш арената“ во Будимпешта.
- УЕФА Суперкупот во 2027 година ќе се одржи во Амстердам на „Јохан Кројф арената“, додека во 2028 година домаќин ќе биде „Астана арена“ во Казахстан.
- Женската Лига на шампиони во 2028 година ќе заврши во Лион, а во 2029 година на Националниот стадион во Кардиф, Велс.