Џонатан Дејвис ја доби главната улога во филмот за Снуп Дог

Филмот за Снуп Дог доби датум за премиера во август 2027. Џонатан Дејвис од Outer Banks ја има главната улога, а режијата е на Крејг Бруер

Биографскиот филм за животот и кариерата на познатиот американски рапер Снуп Дог пристигнува во кината на 6 август 2027 година. Проектот на филмското студио Universal Pictures го режира Крејг Бруер, додека главната улога му е доверена на актерот Џонатан Дејвис. Ова е прв филм во рамки на соработката меѓу Universal и продукциската куќа Death Row Pictures.

Главната улога во филмското остварување му припадна на Џонатан Дејвис, познат по улогата во популарната серија Outer Banks. По потврдата дека тој ќе го игра легендарниот музичар, Снуп Дог објави нивни заеднички фотографии на социјалните мрежи, проследени со стихови од неговите хитови.

Режијата на филмот ја потпишува Крејг Бруер, кој претходно работеше на наслови како Coming 2 America, Hustle & Flow, Footloose и Dolemite Is My Name.

Овој филмски проект ја означува првата соработка помеѓу Universal Pictures и Death Row Pictures, продукциската куќа раководена од самиот Снуп Дог. Во продуцентскиот тим се вклучени Брајан Грејзер, познат по неговата работа на филмот 8 Mile, самиот Снуп Дог и претседателката на Death Row Pictures, Сара Рамакер.

Деталите за дејството се држат во тајност, па сè уште не е познато дали филмот ќе го опфати целиот живот на музичарот или ќе се фокусира на одреден период од неговата кариера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс