Новиот долгометражен филм „Осми март“ на српскиот режисер и сценарист Срѓан Драгојевиќ деновиве се снима на повеќе локации во Скопје. Проектот претставува адаптација на истоимениот расказ на македонската писателка Румена Бужаровска, која воедно е и ко-сценаристка на филмското остварување.
„Осми март“ е црна, горчлива комедија која отвора значајни теми за жената, општеството, културниот империјализам и светот во кој често е тешко да се пронајде сопственото место.
Приказна за жената, општеството и времето во кое живееме е раскажана низ објективот на директорката на фотографија Татјана Крстевски, а сценариото и режијата се на Срѓан Драгојевиќ.
Дел од филмот се снима и на локации на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Камерaта овие денови е поставена во просториите на Правниот, Економскиот, Филолошкиот и Филозофскиот факултет, кои стануваат дел од една филмската приказна.
Овие жешки августовски денови во Скопје се исполнети со енергија, креативност и одлична филмска екипа, составена од професионалци и актери од Србија, Македонија, Хрватска, Словенија, Романија, Бугарија, Црна Гора и Германија.
Во главните улоги настапуваат прекрасните: Ксенија Маринковиќ, Бојана Новаковиќ, Милена Павловиќ, Наташа Марковиќ, Лазар Драгојевиќ, а од Македонија во филмот играат: Тони Михајловски, Тања Кочовска, Марјан Наумов, Мина Јелушиќ, Ана Јовановска, Далиа Стоименова, Талиа Харалампиев.
Посебен дел од снимањето во Скопје го сочинуваат и над 120 млади статисти на возраст од 18 до 25 години, предводени од кастинг-директорката Киријана А. Николоска и агенцијата Гужва.
Македонската филмска екипа ја сочинуваат: Елена Станишева – продуцент, Илина Ангеловска – сценограф, Виктор Павловски – директор на филмот, Бранка Чочковска – координатор на продукција, и младите и енергични филмски работници: Стефан Камчев, Мартин Маневски, Антонија Белазелкоска, Андреа Маркоска, Лора Милошевска, Калин Крајчевски и др.
Филмот е меѓународна копродукција од 8 земји, со главниот продуцент Делириум филм – Србија, и копродуцентите: Веда филм – Македонија, 15-та Уметност – Хрватска, Студио Вирц – Словенија, Аксел Филм – Романија, Контраст Филмс – Бугарија, Таурус продукција – Црна Гора, Ахтунг Панда и ЈИП Филмс – Германија.
Проектот е поддржан од Српскиот филмски центар, Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот филмски центар, Агенцијата за филм на Македонија, Романскиот СИ-ЕН-СИ , Бугарскиот филмски центар, Црногорскиот филмски центар, регионални фондови во Германија и пан-европскиот филмски фонд ЕУРИМАЖ.