Францускиот филм „Марија“ на 6 мај во Кинотека

Проекцијата е дел од месечната програма на Францускиот институт во Скопје и Кинотека и ќе биде со превод на македонски јазик.

Францускиот институт во Скопје и Кинотека го продолжуваат месечниот циклус „Кино средби“ со проекција на современи француски филмови и големи класици од француската кинематографија. Следното издание ќе се одржи во среда, 6 мај 2026 година, во 20 часот, во Кинотека.

На програмата е филмот „Марија“ од 2024 година, во режија на Жесика Пали. Во филмот играат Анамарија Вартоломеј, Мет Дилон и Џузепе Маџо, а проекцијата ќе биде со превод на македонски јазик.

Филмот ја следи приказната за Марија, млада жена која се наоѓа на границата меѓу детството и светот на возрасните, во моментот кога блеснува во контроверзниот филм „Последното танго во Париз“. Филмот подоцна станува култен, а Марија стекнува светска слава, но не е подготвена ниту за вниманието, ниту за скандалот, ниту за последиците што ќе го одбележат нејзиниот живот.

Француските медиуми го опишуваат „Марија“ како чувствителен омаж на актерката Марија Шнајдер, чиј живот засекогаш се променил по снимањето на „Последното танго во Париз“. Особено се издвојува изведбата на Анамарија Вартоломеј, која критиката ја оценува како прецизна, силна и потресна.

„Кино средби“ е месечна програма преку која Францускиот институт во Скопје и Кинотека ѝ овозможуваат на публиката пристап до современата француска кинематографија, но и до значајни филмски дела што оставиле трага во европската култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни