Македонската продукција ОХО започнува голем мултимедијален проект посветен на Тоше Проески, кој истовремено ќе се развива како игран филм, играна серија и документарна серија. Деталите за овој регионален потфат беа претставени на комуникацискиот фестивал Weekend.19 во Ровињ од 24 до 27 септември, пред медиумски професионалци од регионот.
Проектот беше најавен во Старата фабрика за тутун во Ровињ во рамки на панелот насловен „Next Big Thing: Toše Proeski Film“. На сцената за првпат јавно за концептот говореа продуцентот Пеце Талески, авторот на проектот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин.
Од продукцијата посочуваат дека сложеноста на животниот пат на Тоше наметнала потреба приказната да се раскаже низ три одделни формати.
„Од почетокот знаевме дека оваа приказна не може да остане во рамките на еден формат. Затоа проектот го развиваме како игран филм, играна серија и документарна серија. Тоше беше регионално препознатлив, но приказната за човекот зад успехот е универзална и веруваме дека може да комуницира и со публика која не ја познава неговата музика“, рече продуцентот Пеце Талески.
За авторот Игор Стоименов, клучниот мотив за целиот потфат потекнува од реченицата што Тоше ја изговорил во своето последно интервју пред трагичната смрт: „И јас би сакал да го знам тој Тоше“.
„Додека јавниот Тоше стануваше сè поголем, приватниот Тоше како да имаше сè помалку простор за себе, за љубовта, верата, своите соништа и правото на обичен живот. Преку играниот филм, серијата и документарната серија сакам да го најдеме токму тој Тоше, момчето од Крушево, човекот зад гласот, концертите, насловните страници и митот“, рече Стоименов во Ровињ.
Тоше загина на 26 години, во момент кога градеше интернационална кариера и подготвуваше нов музички материјал, по успешните излети во поп, традиционалната и оперската музика.
За сценаристичкиот тим, главниот товар е издвојувањето на најважното од огромниот корпус материјали и сведоштва. Милана Влаовиќ објасни дека процесот барал десетици разговори со луѓе од неговото опкружување, преслушување на комплетниот опус и посета на клучните локации.
„Најголемиот сценаристички предизвик е да препознаеме што навистина ѝ припаѓа на приказната и каде престанува биографијата, а почнува филмот“, рече сценаристот Андреј Волкашин.
Претставувањето на проектот во Ровињ беше заокружено и со промоција на македонски производи, каде гостите на панелот дегустираа вина од „Тиквеш“ и производи на „Витаминка“.За сценаристичкиот тим, главниот товар е издвојувањето на најважното од огромниот корпус материјали и сведоштва. Милана Влаовиќ објасни дека процесот барал десетици разговори со луѓе од неговото опкружување, преслушување на комплетниот опус и посета на клучните локации.
„Најголемиот сценаристички предизвик е да препознаеме што навистина ѝ припаѓа на приказната и каде престанува биографијата, а почнува филмот“, рече сценаристот Андреј Волкашин.
Претставувањето на проектот во Ровињ беше заокружено и со промоција на македонски производи, каде гостите на панелот дегустираа вина од „Тиквеш“ и производи на „Витаминка“.