Филип Јовески ја претставува „Трансценденција“ во Тирана

Самостојната изложба „Живи артефакти Трансенденција“ на академскиот мултимедијален уметник од Прилеп, Филип Јовески, ќе биде отворена на 6 јули во ликовната галерија на КИЦ Тирана. Проектот е трет дел од циклусот „Живи артефакти“ и го продолжува истражувањето на врската меѓу традиционалната уметност и дигиталните технологии.

Академскиот мултимедијален уметник од Прилеп, Филип Јовески, на 6 јули во Културно-информативниот центар Тирана ќе ја претстави својата самостојна изложба „Живи артефакти Трансенденција“. Изложбата ќе биде отворена во ликовната галерија на КИЦ Тирана со почеток во 20 часот.

Проектот „Трансценденција“ е трет дел од циклусот „Живи артефакти“ и претставува продолжение на авторските истражувања кои претходно беа наградени на Остен Биенале 2024 и претставени преку проектот „АРтистика“ во 2025 година.

Во новото издание Јовески продолжува да ја истражува фузијата меѓу традиционалниот сликарски израз и дигиталната уметност преку употреба на аугментирана реалност. Како основа на неговата визуелна поетика останува македонското народно творештво, особено препознатливите мотиви, форми и колоритот од народните ткаенини и везови.

Кураторот на проектот, Александар Василески, доктор по хуманистички науки од областа на историјата на уметноста и археологијата, посочува дека Јовески во „Трансценденција“ ја развива идејата за геометриската апстракција и цртежот како основни ликовни средства. Делата на прв поглед се карактеризираат со рационална структура, но нивната целосна смисла се открива преку внимателно и последователно набљудување, при што се забележува развојот на композицијата и колористичките промени.

„Живите артефакти“ се замислени како спој на кодови, симболи и идеи создадени преку различни уметнички дисциплини, меѓу кои визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, анимацијата и видео уметноста.

Посебноста на проектот е во поврзувањето на физичкото и виртуелното дело. Преку аугментираната реалност, традиционалното уметничко дело создадено со класични техники се трансформира во дигитална форма, при што посетителот истовремено ги доживува двете реалности на едно место.

Со изложбата во Тирана, Филип Јовески продолжува да ја афирмира современата македонска уметност на меѓународна сцена, отворајќи прашања за односот меѓу наследството, технологијата и новите начини на визуелно раскажување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс