ФИФА направи промена во правилата и објави дека навивачите сепак ќе можат да внесат едно затворено шише вода на натпреварите од Светското првенство во 2026 година.
Одлуката доаѓа по жестоки реакции во јавноста поради претходната забрана за внесување шишиња со вода, особено во услови кога се очекува голем дел од натпреварите да се играат на високи температури.
Според новата политика, на гледачите ќе им биде дозволено да внесат едно меко, пластично и фабрички затворено шише вода за еднократна употреба на стадионите во САД и Канада. Шишињата за повеќекратна употреба, сепак, остануваат забранети од безбедносни причини.
Главниот оперативен директор на Светското првенство 2026, Хејмо Ширги, ја потврди промената, нагласувајќи дека безбедносните правила и понатаму ќе важат за одредени предмети што може да се внесат на стадионите.
Контроверзата започна откако ФИФА тивко го промени кодексот на однесување на стадионите и целосно го забрани внесувањето шишиња со вода. Тоа предизвика негодување кај навивачите, бидејќи експертите предвидуваат дека голем дел од натпреварите ќе се играат на температури над 28 степени Целзиусови.
Само неколку недели претходно, официјалните правила дозволуваа внесување празни, проѕирни, пластични шишиња за повеќекратна употреба до еден литар. Но, на 2 јуни правилата беа изменети и беше наведено дека шишиња за повеќекратна употреба не смеат да се внесуваат на стадион.
Првичната забрана предизвика бројни критики на социјалните мрежи. Дел од навивачите ја нарекоа одлуката „срамна“, предупредувајќи дека пристапот до вода не смее да биде луксуз во услови на летна жега.
Дополнителен револт предизвика и стравот од високи цени на водата на стадионите. На минатогодишното Светско клупско првенство во САД, ФИФА наплаќаше меѓу 4 и 6 долари за флаширана вода. Засега не е познато колку ќе чини водата на Светското првенство 2026.