Фицџералд умре мислејќи дека е заборавен, а создаде американски мит

При продажба од едвај неколку илјади примероци на „Големиот Гетсби“, писателот замина сиромашен, а Втората светска војна да го направи класик.

Американскиот писател Ф. Скот Фицџералд е роден на 24 септември 1896 година во Сент Пол, Минесота. Човекот што му даде име на џез-добот и ја опиша блескавата деструкција на меѓувоената генерација, почина четири децении подоцна во Холивуд со убедување дека неговото дело е потполн промашај. Денес, неговиот книжевен опус претставува дефиниција за падот на американскиот сон.

Фицџералд стекна инстантна слава уште на 23 години со дебитантскиот роман „Од оваа страна на рајот“. Парите дојдоа веднаш, но уште побрзо си заминаа. Заедно со сопругата Зелда Саер станаа заштитно лице на бурните дваесетти години, трошејќи неконтролирано низ Њујорк, Париз и Ривиерата.

Раскошот брзо се претвори во лична трагедија. Зелда беше хоспитализирана поради ментално растројство, а Скот потона во тежок алкохолизам и долгови. За да ги плати медицинските сметки и интернатот за ќерката Скоти, тој замина во Лос Анџелес да пишува комерцијални сценарија за студиото МГМ. Холивуд го исцрпи, плаќајќи го добро, но презирајќи ги неговите книжевни амбиции.

Романот „Големиот Гетсби“, објавен во април 1925 година, требаше да биде неговиот најголем уметнички триумф. Наместо тоа, доживеа комерцијален дебакл. Критиката беше поделена, а публиката рамнодушна. До моментот на неговата смрт во 1940 година, од книгата беа продадени помалку од 25.000 примероци, а дел од тиражот со години собираше прашина во магацините на издавачот „Скрибнер“.

Кога почина од срцев удар на 44-годишна возраст во станот на љубовницата Шила Греам, весниците го отпишаа како пропаднат талент од мината епоха.

Пресвртот се случи за време на Втората светска војна, пет години по смртта на авторот. Американскиот совет за книги во воено време испечати специјални џебни изданија на „Големиот Гетсби“ и подели повеќе од 150.000 бесплатни примероци на војниците на европскиот и тихоокеанскиот фронт.

Војниците што се бореа низ рововите ја препознаа приказната за илузиите, копнежот и изгубената невиност. До крајот на четириесеттите години романот влезе во задолжителната училишна лектира низ САД и светот. Делото што авторот не успеа да го наплати за живот, денес се продава во половина милион примероци секоја година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс