Црна Гора пречека 150.000 гости на двата фестивали на Егзит

По политичкиот притисок во Србија и преселбата на сцената, фестивалскиот бренд привлече публика од 100 земји на крајбрежјето во Улцињ и Будва.

Околу 150.000 луѓе летово присуствуваа на настаните на фестивалот Егзит во Црна Гора, каде што се одржаа јулското издание во Улцињ и неодамна завршениот „Си Денс“ во Будва. Публика од над 100 држави го следеше првото поглавје од соработката меѓу организаторите и црногорските власти по заминувањето на фестивалот од Србија. Настапија светски електронски и поп имиња, надополнети со настапи на повеќе од 120 домашни изведувачи.

Црна Гора стана централна точка на меѓународната рута на Егзит откако фестивалот беше принуден да ја напушти Србија поради отворената поддршка на студентските протести. Организаторите мораа брзо да го трансформираат начинот на работа на терен.

„По заминувањето од Србија, не беше лесно целосно да го трансформираме бизнис моделот во од. Се чувствувавме како да менуваме мотор на авион додека тој веќе е во воздух. Досега сме исклучително задоволни од нашата меѓународна турнеја. Секој фестивал беше голем успех, особено штотуку завршениот ‚Си Денс‘ во Будва. Благодарни сме на Црна Гора што нè поддржа кога ни беше најпотребно, и верувам дека возвративме со навистина исклучителни настани и фантастични слики што го обиколија светот. Особено ми е мило што, покрај некои од најголемите светски имиња, ангажиравме дури 122 локални уметници и им дадовме можност да се претстават пред меѓународна публика“, рече основачот и директор на фестивалот, Душан Ковачевиќ.

Странските гости пристигнаа главно од Германија, Велика Британија, Турција, Италија, Полска, Франција, САД и земјите од регионот. Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека настанот претставува шанса за државата да покаже отвореност и енергија пред меѓународната јавност.

На двете сцени настапија Шарлот де Вит, Хугел, Борис Брејча, Арги, евровизиската победничка Дара, како и Џон Њуман со нов настап во живо. Листата ја дополнија Енрико Санџулиано, Марсел Детман, Масео Плекс, Стефан Бодзин и Бурак Јетер.

Централен визуелен елемент беше 12-метарската скулптура посветена на Ивана Ковачевиќ, сопругата на основачот на фестивалот, која почина минатата година. Скулптурата функционираше со светлосни ефекти и 3Д мапирање во текот на фестивалските ноќи.

Преку хуманитарната акција „Обединети за децата“ се собираа средства за дом за рехабилитација на деца излекувани од малигни болести и за Дневниот центар во Будва. Џон Њуман, кој и самиот се лекуваше од рак пред неколку години, одржа посебен диџеј-сет за поддршка на иницијативата.

Следна дестинација на меѓународната турнеја е Египет, каде што тимот планира фестивалски настани пред платото кај Пирамидите во Гиза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс