Фазата на врската, а не интензитетот на љубовта, ја одредува количината на секс

Истражување со над 1.500 испитаници од 33 земји покажува дека сексот се менува со текот на времето во една врска, а не со длабочината на чувствата.

Нова анализа на истражувачот Адам Боде од Универзитетот во Мелбурн, објавена во стручното списание Current Sexual Health Reports, покажува дека зачестеноста на сексуалните односи кај вљубени парови не зависи од тоа колку длабоки се нивните чувства, туку од фазата во која се наоѓа врската. Анализата се потпира на податоци од „Romantic Love Survey 2022“, база со одговори на над 1.500 млади луѓе од 33 земји.

Прегледот на студии утврди дека раната фаза на романтична љубов навистина се поклопува со почести сексуални односи. Младите вљубени парови имаат секс во просек околу 3,5 пати неделно, наспроти еднаш неделно колку што изнесува просекот кај брачните парови во општата популација. Сепак, интензитетот на љубовта, односно нивото на опсесивни мисли, длабочината на чувствата или предаденоста кон партнерот, не се покажа како показател за тоа колку често парот има секс.

Боде посочува дека областа досега била занемарена во науката, оценувајќи дека е неочекувано што истражувачите не се позанимавале повеќе со зачестеноста на сексот кај луѓе кои поминуваат низ фаза на романтична љубов.

Студиите за снимки на мозок цитирани во прегледот дополнително покажаа дека зачестеноста на сексот се намалува како врската се приближува кон првата годишнина заедно, и тоа дури и кога емоционалниот интензитет останува подеднакво висок. Со други зборови, парот може да остане подеднакво вљубен, но фреквенцијата на сексуалните односи природно се менува со времето.

Во поврзана анализа, истражувачите идентификуваа четири категории на вљубени луѓе: благи, умерени, интензивни и сензуални, односно либидинозни. Групата означена како „интензивни“ пријавила најсилни романтични чувства и најголема предаденост кон партнерот, но не и најчест секс.

Таа карактеристика му припадна на „сензуалниот“ тип, чии членови во просек имале секс скоро десет пати неделно. Оваа група покажала и најголема отвореност, највисока енергија и најизразена желба за патувања.

Посебно е интересно што токму во оваа група е забележан најголем удел луѓе кои земаат антидепресиви од групата SSRI, лекови кои вообичаено го намалуваат либидото. Истражувачите претпоставуваат дека раната фаза на вљубеност може да биде доволно силна за да ја надвладее таа несакана нуспојава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс