Радикална промена на Facebook: Наместо постови и вести, веднаш ќе ви пушта видео преку цел екран

„Мета“ започна со тестирање на ново корисничко искуство (UX) за Facebook во Индија, кое дел од корисниците ги испраќа директно во видео преку цел екран кога ќе ја отворат апликацијата, ставајќи ги „Reels“ во преден план.

Првично најавен во јули од страна на првиот човек на Facebook, Том Алисон, тестот е дизајниран да понуди подлабоко корисничко искуство насочено кон видеото. Алисон тогаш изјави дека „Мета“ планира да започне со тестирање подоцна во годината во „земји со висока потрошувачка на видео“ надвор од САД, иако не прецизираше каде. Компанијата ќе ја истражи можноста за воведување на ова корисничко искуство во САД следната година, рече тој.

Корисниците вклучени во тестот можат да се исклучат од него и да се вратат на искуството каде што „фидот“ (Feed) е на прво место, соопшти „Мета“. Класичниот фид ќе остане достапен како второ јазиче во апликацијата Facebook.

Тестот доаѓа во време кога „Мета“ се движи кон тоа да го направи видеото посуштински дел од Facebook. Минатата година, компанијата соопшти дека сите нови видеа објавени на Facebook ќе се споделуваат како „Reels“, без оглед на нивната должина или формат, па дури и го преименуваше табулаторот за видеа на апликацијата во „Reels“. „Мета“ претходно изјави дека младите возрасни поминуваат околу 60% од своето време на Facebook гледајќи видеа.

Индија долго време е полигон за тестирање на напорите на „Мета“ со видеата, особено нејзиниот пробив во кратките видеоформи. Во 2020 година, Instagram започна со тестирање на посебно јазиче за „Reels“ во земјата, неколку месеци откако Индија го забрани TikTok. Компанијата исто така тестираше „Reels-first“ искуство за дел од корисниците на Instagram во Индија и Јужна Кореја минатата година, што слично ги испраќаше директно во видеото кога ќе ја отвореа апликацијата.

Новиот тест доаѓа додека потрошувачката на видеа расте низ апликациите на „Мета“ во Индија. Најмалку 97% од корисниците анкетирани во студии нарачани од „Мета“ рекле дека гледаат видеа на нејзините платформи секојдневно, а 89% од испитаниците од Генерацијата Z изјавиле дека користат „Reels“ секој ден, според податоците што компанијата ги објави во јуни. „Мета“ ги опиша „Reels“ како содржина што сè повеќе станува „личен и примарен екран“ во Индија.

Индија е најголемиот пазар на Facebook според бројот на корисници, при што рекламните алатки на „Мета“ покажуваат публика од над 400 милиони луѓе во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс