Фабричките фарми за пилиња станаа главен извор на бактериски инфекции во светот

Студијата покажува дека интензивното фармерство ја забрзува еволуцијата на бактеријата Campylobacter, создавајќи соеви отпорни на антибиотици кои сè потешко се третираат кај луѓето.

Индустриското и масовно одгледување пилиња директно го забрзува ширењето и еволуцијата на бактеријата Campylobacter, која претставува најчеста причина за бактериски дијареи и стомачни инфекции во светот, покажуваат најновите научни истражувања.

Според студијата спроведена од Универзитетот во Оксфорд, објавена во престижното списание Proceedings of the National Academy of Sciences, интензивирањето на фармерството создаде идеални услови за постојана размена на бактериски соеви меѓу дивите птици и домашните пилиња. Овој процес овозможува брзо мултиплицирање, мешање и добивање нови генетски особини кај бактериите, вклучително и зголемена отпорност на антибиотици.

„Бидејќи популацијата на пилиња драстично порасна, тие стануваат вистински казан за бактериска еволуција во кој се собираат и хибридизираат различни соеви. Тоа е исклучително опасно бидејќи на тој начин се создаваат нови патогени кои тешко се контролираат“, истакнува професорот Сем Шепард, водечки автор на студијата.

Бактеријата кампилобактер е одговорна за најголемиот број случаи на гастроентеритис во светот, а проценките покажуваат дека меѓу 60 и 80 проценти од сите инфекции кај луѓето потекнуваат токму од сурово пилешко месо. Иако термичката обработка ги уништува овие микроорганизми, дури и најмало капење од сокот на суровото месо врз кујнските површини, приборот или зеленчукот може да доведе до инфицирање.

Податоците откриваат дека од 1960-тите години до денес, глобалниот број на пилиња се зголеми за дури седум пати, достигнувајќи фантастични 27 милијарди птици. Домашните пилиња денес сочинуваат околу 70 проценти од вкупната биомаса на сите птици на Земјата. Ова индустриско размножување овозможи пристап до евтини протеини, но истовремено донесе сериозни глобални здравствени ризици.

Истражувачите анализираа речиси 2.800 геноми на бактеријата собрани во период од четири децении од 30 различни земји. Резултатите потврдија дека преносот на бактериски соеви меѓу пилињата и дивите птици е зголемен за дури 100 пати во споредба со периодот пред нивното припитомување.

Дополнително, во гените на кампилобактер се регистрирани специфични адаптации кои вклучуваат отпорност на антибиотици — лекови кои во современиот фармерски сектор рутински се користат за контрола на болести во преполните фарми или за забрзување на растот на живината. Поради ова, сè поголем број антибиотици кои претходно успешно ги лекуваа овие инфекции кај луѓето, денес ја губат својата делотворност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс