Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје стави крај на дипломатските илузии за ревизија на преговарачкиот процес. Додека соседите отвораат поглавја, земјата се соочува со јасна порака од Брисел. Македонија нема да добие промена на преговарачката рамка, ниту попуштање за уставните измени, оставајќи го политичкиот врв без меѓународен простор за натамошно одложување на обврските.
Регионалната слика за проширувањето драстично се смени во последните две години. Албанија официјално напредува во преговорите со Европската Унија, со што деценискиот заеднички пакет со Скопје е целосно прекинат. Брисел испрати сигнал дека геополитиката наметнува брзина, но институциите повеќе нема да држат во заложништво земји кандидати поради блокадите на нивните соседи.
Паралелно со Тирана, Црна Гора добива забрзан колосек за затворање на поглавјата и членство пред крајот на деценијата. Ваквиот развој ја остава земјава надвор од колосек за брзо членство во ЕУ. Дипломатските претставници на Унијата веќе отворено зборуваат за индивидуален напредок базиран на испорачани резултати. Тоа значи дека застојот во македонскиот парламент повеќе не предизвикува регионална грижа во европските метрополи, туку тивко маргинализирање на македонското досие.
Барањето за дополнителни европски гаранции или билатерални преговори со Софија под медијација на Брисел беа одбиени од страна на Фон дер Лајен. Шефицата на ЕК упати на директен дијалог со Бугарија, потврдувајќи дека Унијата нема да ги презема билатералните спорови како своја агенда надвор од веќе потпишаниот протокол. За Брисел, документот е правно заокружен. Секое одбивање да се внесат Бугарите во Уставот значи свесно стопирање на скринингот и останување пред затворената врата на првиот кластер за темелните вредности.
Финансискиот механизам од шест милијарди евра за Западен Балкан продолжува по сопствен колосек. За разлика од преговарачките кластери, парите од Планот за раст зависат од реализацијата на Реформската агенда и социоекономските мерки. Тоа значи дека државата ќе може да повлекува средства за конкретни инфраструктурни проекти и буџетска поддршка доколку ги испорача бараните реформи.
Но, економската помош не е замена за членство. Финансиската инјекција може да ја ублажи социјалната слика, но не го решава институционалниот ќорсокак. Без политичка деблокада и отворање на реформските патокази за владеење на правото, Македонија ризикува да се трансформира во корисник на помош без европска перспектива.