Европско првенство во танц во Скопје: Парадата на нациите во центарот на денешната програма

Денеска во Скопје се одржува и Светскиот куп во продукциски танц, додека завршуваат натпреварите од Европското првенство во џез-танц.

Европското првенство во танц во Скопје денеска, 25 септември, го достигна својот централен програмски ден. Во Т-Арената при Спортскиот центар „Борис Трајковски“ продолжуваат настапите на повеќе од 2.900 танчери од европските земји, а во 14:30 часот започна официјалната Парада на нациите.

Учесниците продефилираа со знамињата на своите држави во рамките на свеченоста, чија цел е да ги претстави различноста, пријателството и меѓународниот карактер на првенството. Парадата е проследена со гала-програма и натпреварувачки настапи.

Денеска во Скопје се одржува и Светскиот куп во продукциски танц, додека завршуваат натпреварите од Европското првенство во џез-танц. Паралелно продолжува и Европското првенство во сценска импровизација, кое ќе трае до 26 септември.

Од почетокот на манифестацијата, на 21 септември, публиката имаше можност да проследи настапи во класичен балет, балетски репертоар, џез-танц и повеќе соло, дуо, групни и формациски категории. Натпреварите се одржуваат на повеќе подиуми, во различни возрасни категории.

Од утре започнува новиот дел од програмата со Европското првенство во модерен и современ танц, кое ќе трае до 29 септември. Тогаш ќе бидат одржани и последните финални натпревари и прогласувањето на победниците во завршните категории.

Скопје во текот на деветте натпреварувачки дена е домаќин и на голем број тренери, меѓународни судии, претставници на националните федерации, официјални делегации и посетители.

Билетите за натпреварите може да се купат пред салата, а за публиката која не може да присуствува е достапен и платен онлајн-пренос.

е-Трн да боцка во твојот инбокс