Европа воведува старосни ограничувања за социјални мрежи: Дали децата треба да бидат онлајн?

Земји низ Европа воведуваат забрани за користење социјални мрежи за деца под 14–16 години. Новите мерки имаат цел да го заштитат менталното здравје и безбедноста на младите онлајн.

Европа сѐ поинтензивно се движи кон воведување старосни ограничувања за користење на социјалните мрежи, отворајќи дебата дали децата воопшто треба да бидат присутни на платформи како Instagram и TikTok. Главното прашање станува кога младите се доволно зрели за безбедно да се движат низ дигиталниот свет.

Истражувањата покажуваат дека овие платформи ги изложуваат малолетниците на сериозни ризици, од анксиозност и нарушен сон, до намалена концентрација. Покрај тоа, тука се и опасностите од сајбер-насилство, несоодветна содржина, онлајн манипулации и злоупотреба на лични податоци.

Грција неодамна донесе одлука да забрани пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години, мерка што треба да стапи во сила од 1 јануари 2027 година. Владата ја оправдува одлуката со растечката загриженост за менталното здравје на младите, зависноста од екрани и безбедноста на интернет. Според планот, платформите ќе мора да блокираат малолетни корисници, а можно е да се воведат и задолжителни родителски контроли.

Оваа одлука не е изолиран случај. Франција веќе усвои закон за забрана на социјални мрежи за деца под 15 години, кој треба да се применува од септември 2026 година. Шпанија предложи слична мерка за лица под 16 години, додека Данска најави ограничувања со можни исклучоци со родителска дозвола. Австрија веќе се согласи на забрана за деца под 14 години, а Италија и Словенија во 2026 година предложија закони насочени кон корисници под 15 години.

Овој тренд добива силна поддршка и од европските институции. Европска комисија најави развој на апликација за верификација на возраст, која треба да воспостави унифициран систем за проверка на корисниците на сите онлајн платформи во ЕУ. Оваа иницијатива се надоврзува на постоечките регулативи како Digital Services Act, резолуциите на Европски парламент и насоките за заштита на деца во дигиталниот простор.

Со овие чекори, Европа испраќа јасна порака: заштитата на децата во дигиталната ера станува приоритет, дури и ако тоа значи ограничување на пристапот до некои од најпопуларните платформи во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни