Европските држави сè поинтензивно воведуваат ограничувања за користење на социјалните мрежи од страна на малолетници, со цел да ги заштитат децата од штетни содржини, зависнички алгоритми и сајбер-насилство. По примерот на Австралија, која прва забрани пристап до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години, слични мерки подготвуваат или разгледуваат Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Грција и други европски земји.
Во Франција се предлага ограничување за деца под 15 години, додека Германија и Шпанија размислуваат за граница од 16 години. Грција и Португалија развиваат дигитални системи преку кои родителите ќе можат да го контролираат пристапот на децата до интернет-платформи.
Паралелно, Европската унија работи на заедничка апликација за проверка на возраста која треба да стане задолжителна до крајот на 2026 година. Новите правила имаат цел да создадат побезбедна дигитална средина за децата, но отвораат и прашања за приватноста, техничката изводливост и можностите за заобиколување на ограничувањата.
Трендот е јасен, Европа се движи кон построга контрола на пристапот до социјалните мрежи, а користењето на платформите од најмладите сè повеќе ќе зависи од возраста и родителската согласност.