Европа во пламен: Пожари беснеат во шест земји, има жртви, масовни евакуации и уништени домови

Франција, Шпанија, Грција, Турција и Велика Британија се борат со големи шумски пожари. Најмалку тројца пожарникари загинаа во Грција, а десетици илјади луѓе се евакуирани.

Разорните шумски пожари и натаму беснеат низ Европа, а најтешко погодени се Франција, Шпанија, Грција, Турција и Велика Британија. Високите температури, сушата и силните ветрови продолжуваат да го поттикнуваат ширењето на огнената стихија, поради што илјадници луѓе се евакуирани, уништени се домови, а има и човечки жртви.

Во Грција, пожарникарите втор ден по ред се борат со големи пожари на островот Крит. Крајбрежната стража евакуираше 31 лице од јужниот брег на островот, додека вкупно тројца пожарникари загинаа во последните денови – двајца на Крит и еден на Пелопонез. Двајца од загинатите биле заробени од огнот во близина на селото Крија Вриси.

Во Франција, пожарникарите и понатаму се обидуваат да го стават под контрола големиот пожар западно од Бордо. Температурите над 38 степени значително ја отежнаа борбата со пламените јазици, но дождот што падна во делови од регионот донесе мало олеснување. На дел од повеќе од 220.000 евакуирани жители им е дозволено да се вратат во своите домови, иако властите предупредуваат дека опасноста сè уште не е помината.

Во Шпанија, иако ситуацијата во регионот околу Мадрид постепено се стабилизира, избувна нов голем пожар во покраината Замора, долж границата со Португалија. Локалните жители изразуваат незадоволство од, како што велат, недоволниот број спасувачки екипи.

„Никој ништо не презема. Има премалку итни служби. Овде би требало многу повеќе луѓе да помагаат бидејќи ова е резерват“, изјави жителот Хавиер Бартоломе.

Во Турција, стотици жители се евакуирани во покраините Анталија и Мугла. Огнот оштети повеќе од 50 куќи, додека пожарникарите успеале да локализираат дел од пожарите во другите региони.

Пожарите ова лето не ја заобиколија ниту Велика Британија. По долготрајните топлотни бранови избувна голем пожар во природен резерват во Кембриџшир, каде изгоре значителна површина заштитена шума. Нов пожар се прошири и во Сафолк, зафаќајќи околу 100 хектари, во близина на нуклеарна централа, која според властите засега не е загрозена.

Експертите предупредуваат дека климатските промени, долгите сушни периоди и екстремно високите температури создаваат услови за сè почести и поразорни шумски пожари низ Европа, а прогнозите покажуваат дека опасноста ќе остане висока и во наредните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс