Европа старее побрзо од порано, Балканот меѓу регионите под најголем демографски притисок

Податоците на „Евростат“ покажуваат дека Европа старее со забрзано темпо, а балканските земји се меѓу најпогодените поради нискиот наталитет и иселувањето на младите.

Европа се соочува со сè поизразено стареење на населението, а најновите податоци на „Евростат“ за 2025 година покажуваат дека дел од балканските земји се меѓу најстарите на континентот.

Според анализата, медијалната возраст на населението во Европската Унија достигнала 44,9 години, што претставува раст во споредба со претходната деценија.

Медијалната возраст е показател што го дели населението на два еднакви дела — половина од жителите се помлади, а половина се постари од таа возраст. Демографите ја сметаат за еден од најважните индикатори за тоа колку брзо старее едно општество.

Меѓу европските држави со најстаро население се издвојуваат Италија, Португалија, Бугарија и Грција. На Балканот, висока медијална возраст имаат и Хрватска, Србија и Словенија. Од друга страна, најмладо население имаат Турција, Исланд и Ирска.

Експертите предупредуваат дека нискиот наталитет, иселувањето на младите и зголемениот број постари лица веќе создаваат сериозен притисок врз пазарот на труд, пензискиот систем и здравствената заштита.

Особено погодени се балканските држави, каде голем дел од младото население заминува во странство во потрага по подобри услови за живот, повисоки плати и поголема сигурност.

Според проценките на „Евростат“, стареењето на населението ќе продолжи и во следните децении. Просечната возраст во Европската Унија до крајот на векот би можела дополнително да порасне, што ќе ја направи демографијата едно од најважните политички и економски прашања за Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс