Франција и Германија оваа недела се домаќини на голем меѓународен вселенски самит во Париз, на кој европските земји сакаат да ја зацврстат својата позиција во глобалната вселенска трка. На собирот во „Гран Пале“ се собраа астронаути, државни лидери и претставници на големи компании од индустријата. Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека во текот на дводневниот настан се очекува потпишување на повеќе од 50 проекти.
Макрон порача дека Европа мора да ги зајакне сопствените вселенски истражувања, но истовремено да гради партнерства со други земји. Меѓу темите е и иднината на европската вселенска инфраструктура, во време кога Европа се обидува да ја намали зависноста од САД во стратешки важниот сектор.
Макрон на самитот го поздрави и претстојното лансирање на приватната астронаутска мисија ПАМ-6 на Европската вселенска агенција (ЕСА) до Меѓународната вселенска станица. Мисијата е планирана за 2027 година, а во неа во вселената за првпат треба да отпатува и грчкиот астронаут Адрианос Големис.
Францускиот претседател вчера се осврна и на договорот меѓу „Амазон Лео“ и „Аријанеспејс“. Според него, „Амазон Лео“ нарачал уште шест лансирања, со што вкупниот број на договорени лансирања достигна 24.
Европа сака да ја намали зависноста од САД
Самитот се одржува во период кога Европа се обидува да го намали заостанувањето зад САД во вселенскиот сектор. Кога го најави настанот во октомври 2025 година, Макрон го претстави како можност Европа да изгради заедничка визија за својата улога меѓу водечките вселенски сили до 2035 година.
Европските земји последните години инвестираат повеќе во сопствени ракети, сателити и други вселенски технологии. Историски гледано, европските инвестиции во вселенските програми изнесувале околу 0,07 отсто од БДП, додека во САД тој удел е околу 0,24 отсто.
Значаен пресврт се случи минатата година, кога ЕСА одобри рекорден буџет од 22,3 милијарди евра за периодот од 2026 до 2028 година. Дополнително, предвидени се 35 милијарди евра за вселенска безбедност и одбрана.
Европските планови вклучуваат и можности за искористување на ресурсите на Месечината. Рударењето на Месечината се разгледува како потенцијален извор на критични суровини и ресурси потребни за чиста енергија, со што Европа би можела да ја намали зависноста од Кина и Русија.
Мерц не дојде, а Франција и Германија имаат сè повеќе несогласувања
Германскиот канцелар Фридрих Мерц потврди дека нема да присуствува на самитот поради обврски во земјата. Германија ја претставуваат министерот за одбрана Борис Писториус и министерката задолжена за вселенските прашања Дороте Бар. Неговото отсуство доаѓа во чувствителен момент во односите меѓу Париз и Берлин. Двете земји имаат несогласувања околу повеќе заеднички вселенски и одбранбени проекти.
Во јуни Франција и Германија, по години несогласувања, се откажаа од заедничкиот проект за идниот воздушен борбен систем ФКАС. Макрон во меѓувреме продолжува да ја застапува идејата за стратешка автономија на Европа и ги поддржува европските проекти како ракетата „Аријана 6“, наместо зависност од американски компании како „СпејсЕкс“.
Германија, пак, е посклона кон користење на поевтини американски алтернативи. Минатата сабота германскиот стартап „Изар Аероспејс“ ја лансираше првата комерцијална ракета од европско тло која достигна орбита. Настанот беше оценет како важен чекор кон независен европски пристап до вселената, а Мерц го нарече „почеток на нова ера“.
Американски компании се повлекоа од самитот
Дополнителен проблем за организаторите е повлекувањето на неколку големи американски компании. Според „Политико“, американски претставник ги предупредил компаниите дека нивното учество на самитот би можело да се сфати како премолчена поддршка за политичките ставови на Европската Унија.
Француското Министерство за високо образование и истражување, кое ја надгледува националната вселенска политика, потврдило дека од учеството се откажале „СпејсЕкс“, „Блу Ориџин“, „Стоук Спејс“ и „Старклауд“.
Портпарол на министерството за АФП рекол дека е тешко нивното повлекување да не се поврзе со медиумските информации за политички притисок од Вашингтон. Херман Лудвиг Мелер, директор на Европскиот институт за вселенска политика, за „Еуроњуз“ оцени дека Франција е „движечка сила“ на европскиот вселенски сектор и дека на индустријата ѝ дава силна политичка поддршка.
Тој предупреди дека вселената станува сè поважна и како безбедносно и воено поле. „Вселената сè повеќе станува и подрачје на конфликт“, изјави Мелер, посочувајќи дека современите конфликти сè почесто вклучуваат напади врз критичната инфраструктура во транспортот, енергетиката и дигиталниот сектор.
Сателитската навигација и комуникациите се технологии со двојна намена – тие се неопходни за секојдневниот живот, но имаат и огромно стратешко значење во воени услови. Војната во Украина особено ја покажа оваа зависност. Украинските сили во голема мера се потпираа на сателитската мрежа „Старлинк“ на Илон Маск, која обезбедуваше интернет-комуникација и во услови на уништена копнена инфраструктура.
Искуството од Украина дополнително ги поттикна европските земји да развиваат сопствени независни сателитски системи. Еден од клучните проекти е ИРИС², европска безбедна сателитска констелација која треба да обезбеди посигурна комуникациска инфраструктура и да ја намали зависноста од странски системи.