Apple го претстави iPhone 18, но сите зборуваат за преклопливиот Duo од 2.000 долари

Apple ја претстави новата генерација на iPhone, а главната ѕвезда на презентацијата беше уредот што компанијата досега го немаше во својата понуда – преклопливиот iPhone Duo. Новата линија беше претставена во седиштето на компанијата во Купертино, Калифорнија, од новиот извршен директор Џон Тернус, кој ја презеде функцијата од Тим Кук на 1 септември.

По претставувањето на новите модели на iPhone, Apple Watch и AirPods, Тернус пред публиката во салата „Стив Џобс“ најави дека „има уште една работа“ – реченица која стана заштитен знак на основачот на Apple, Стив Џобс, а која тој ја презел од детективската серија „Колумбо“ од 1970-тите.

Duo се отвора во голем екран

Според Apple, преклопливиот Duo има „најголем екран досега на iPhone“, иако во преклопена форма може да се носи во џеб. Кога ќе се отвори, уредот нуди екран од 18 сантиметри, односно околу 80 отсто поголем од оној на најновиот iPhone 18 Pro. Една од новите можности е користењето на Apple Pencil директно со телефонот – функција која досега беше поврзувана со iPad.

Duo овозможува и поделба на екранот за истовремено користење две различни апликации. Корисниците можат да отворат и два прозорци од иста веб-страница, што, на пример, може да биде практично при споредување цени. Но, ваквата технологија има висока цена. Duo ќе чини од 1.999 долари, со што станува најскапиот iPhone досега.

И покрај големото внимание, преклопливите телефони сè уште се релативно мал дел од пазарот. Според аналитичарот на CCS Insight, Бен Вуд, тие сочинуваат помалку од пет отсто од вкупниот пазар на паметни телефони.

iPhone 18 Pro и Pro Max со подобрени камери и батерија

Apple ги претстави и iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, кај кои акцентот е ставен на подобрите перформанси, камерите и траењето на батеријата.

Почетната цена на iPhone 18 Pro е 1.199 долари, додека Pro Max започнува од 1.299 долари.

Нарачките за новите модели ќе започнат на 12 септември, а телефоните во продажба ќе бидат од 18 септември. Преклопливиот Duo ќе пристигне подоцна, на 23 октомври. Apple наведува дека Pro Max може да понуди до 45 часа репродукција на видео, а новите модели имаат и побрзо полнење.

Камерата добива нови функции кои компанијата ги опишува како „кинематографски ефекти“, како и дополнителни рачни контроли. Тука е и „паметното следење на фокусот“, кое овозможува камерата да го следи објектот во движење пример, дете што трча. Apple истовремено најави и нови можности базирани на вештачка интелигенција за Siri, со посебен акцент на приватноста и безбедноста.

Apple доцни со преклопливите телефони – намерно?

Samsung, Motorola и Google веќе имаат свои преклопливи паметни телефони, додека Apple дури сега влегува во оваа категорија. Сепак, аналитичарите сметаат дека тоа е дел од препознатливата стратегија на компанијата да не брза со нова технологија, туку прво да ги следи слабостите на постоечките производи и реакциите на пазарот.

„Лансирањето преклоплив телефон е директно од стратегијата на Apple: почекајте новиот производ да ги покаже своите слабости и пазарот да покаже дали е одржлив, а потоа влезете и обликувајте ја целата категорија“, оценува аналитичарот на Форестер, Дипанџан Чатерџи. Сепак, останува прашањето дали Apple може значително да ја зголеми побарувачката за преклопливи телефони, категорија која сè уште зазема мал дел од пазарот.

Новата генерација iPhone е и поскапа од претходната. Во споредба со минатите модели, iPhone 18 чини околу 100 долари повеќе, што делумно се поврзува со глобалниот недостиг на мемориски чипови. За споредба, iPhone 17 имаше почетна цена од 799 долари, додека најскапите верзии достигнуваа 1.999 долари, зависно од моделот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс