Европа пред енергетски шок: Дунав пресушува, нуклеарки запираат, а гасот повторно поскапува

Дунав никогаш не бил толку низок, Унгарија едвај ја одржува во погон својата најголема нуклеарна централа, Романија со контролирани експлозии се обидува да спаси реактор, а во исто време војната на Блискиот Исток повторно ја крева цената на гасот.

Продолжената суша и серијата топлотни бранови ги спуштија најголемите европски реки на нивоа какви што досега не биле забележани. Во Будимпешта, водостојот на Дунав падна на само околу 10 сантиметри – далеку под претходниот негативен рекорд од 33 сантиметри, поставен во 2018 година. Рајна, пак, достигна историски минимум од 67 сантиметри.

Овие реки не се само природни знаменитости. Тие се главните артерии преку кои се движат суровини, гориво и стока, а истовремено обезбедуваат вода неопходна за ладење на нуклеарните централи. Кога реките пресушуваат, не застанува само бродскиот сообраќај – под притисок доаѓа целиот европски енергетски систем.

Унгарија – нуклеарката работи со само 10 проценти од капацитетот

Најдраматична е состојбата во Унгарија. Нуклеарната централа „Пакс“, која вообичаено произведува речиси половина од електричната енергија во земјата, поради недостиг од вода за ладење моментално работи со само околу 10 проценти од својот капацитет.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар, во видео-обраќање до јавноста, предупреди дека земјата се соочува со „најкритичните денови“, особено додека температурите се искачуваат до 40 степени. Владата повика на доброволно намалување на потрошувачката на струја, а повеќе од 300 големи компании веќе го прифатија апелот.

Според последните проценки, благодарение на нешто поповолни временски услови и намалената потрошувачка, последната активна турбина во „Пакс“ би можела да продолжи да работи уште еден или два дена. Во вакви околности, секој дополнителен ден значи избегнување на уште поголем притисок врз електроенергетскиот систем.

Романија – експлозии за да се спаси реактор

Во соседна Романија властите прибегнаа кон несекојдневна мерка. Воената морнарица изведе контролирани експлозии на карпест праг во коритото на Дунав за да го пренасочи текот на реката кон нуклеарната централа „Чернавода“. Еден од двата реактори веќе е исклучен, а операцијата, проследена со изградба на привремена брана, има цел да обезбеди доволно вода за ладење на преостанатиот реактор.

Вршителот на должноста премиер Илие Боложан ги повика граѓаните да штедат електрична енергија, особено во вечерните часови, а автомобилските фабрики на „Дачија“ и „Форд“ привремено го прекинаа производството до 19 август за да го намалат оптоварувањето на мрежата.

Србија, хидроцентралите произведуваат само петтина од вообичаеното

Кризата силно ја погоди и Србија, каде што производството на електрична енергија од хидроцентралите е намалено на околу една петтина од вообичаеното. Во меѓувреме, речниот транспорт е сериозно нарушен, а стотици бродови остануваат заглавени на плитките делови од Дунав. Во тој контекст, српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека доколку нивото на реката падне за уште 30 сантиметри, ситуацијата ќе стане неодржлива.

Не страда само Дунав

Кризата одамна не е ограничена само на дунавскиот слив. Во Франција, чии повеќе од 50 нуклеарни реактори се столб на западноевропскиот електроенергетски систем, дел од централите мора да го намалат производството бидејќи прописите ограничуваат колку топла вода смее да се испушта назад во реките.

Во Италија, реката По достигна рекордно низок водостој, што сериозно го загрозува наводнувањето и земјоделското производство.

Дури и Норвешка, која често се нарекува „батерија на Европа“ поради огромниот хидроенергетски потенцијал, годинава има рекордно ниско ниво на вода во акумулациите. Тоа значи дека земјата има значително помал простор да им помогне на соседите со извоз на електрична енергија.

Втор удар – гасот повторно поскапува

На климатската криза се надоврзува и геополитичката. Војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, која ескалираше кон крајот на февруари годинава, сериозно го наруши транспортот низ Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за нафта и течен природен гас.

Според анализите, конфликтот привремено го намали глобалното снабдување со LNG за околу една петтина, а дел од извозните капацитети на Катар, еден од најголемите светски снабдувачи беа оштетени. Во првите недели од конфликтот цените на течниот природен гас пораснаа за повеќе од 100 проценти, додека транспортот со LNG-танкери поскапе за повеќе од 500 проценти.

Како последица, на почетокот на август европските складишта за гас беа исполнети само околу 55 проценти – значително под нивото што вообичаено се очекува во овој период од годината.

Зошто ова е опасна комбинација?

Најголемиот проблем не е ниту сушата, ниту војната сама по себе. Според аналитичарите, проблемот е што двете кризи се случуваат истовремено. Во нормални услови, недостигот од хидро- и нуклеарна енергија би можел да се надомести со поголемо производство во гасните електрани. Но токму гасот годинава е поскап, потешко достапен и во помали количини.

Тоа значи дека Европа истовремено останува без неколку клучни резервни механизми – сценарио кое енергетските експерти одамна го сметаат за најризично.

Што следува?

Метеоролошките прогнози не оставаат многу простор за оптимизам. Во следните денови не се очекуваат позначајни врнежи, а нов топлотен бран дополнително ќе ја зголеми потрошувачката на вода и електрична енергија. Аналитичарите очекуваат испораките на LNG од Катар постепено да се стабилизираат дури во септември, токму кога Европа ќе почне интензивно да ги полни складиштата пред зимата.

Без разлика како ќе заврши ова лето, кризата околу Дунав веќе покажа една непријатна вистина: дури и најразвиените европски енергетски системи остануваат зависни од фактори што не можат да ги контролираат, климата, водата и војните што се водат илјадници километри далеку.

е-Трн да боцка во твојот инбокс