Европа гори под рекордни горештини: Британија трет ден по ред руши температурни рекорди

Велика Британија трет ден по ред бележи рекордни јунски температури, додека топлотниот бран создава хаос низ Европа. Затворени се училишта, откажани летови и железнички линии, а стотици луѓе ги загубија животите.

Екстремниот топлотен бран што веќе повеќе од една недела ја зафаќа Европа продолжува да руши историски рекорди. Во Велика Британија денеска трет ден по ред е измерена највисоката јунска температура досега, поради што британската метеоролошка служба Met Office го продолжи портокаловото предупредување за екстремни горештини до недела наутро.

Предупредувањето важи за Лондон, југоисточна Англија, Источна Англија и делови од Источен Мидлендс, каде што се очекува уште една исклучително топла и влажна ноќ, иако од почетокот на следната недела се најавува постепено намалување на температурите.

Горештините предизвикуваат хаос низ Европа

Во петокот во местото Сантон Даунхам во англиската грофовија Сафолк беа измерени 37,3 степени Целзиусови – нов рекорд за јуни во Велика Британија. Претходниот рекорд од 35,6 степени беше поставен уште во 1976 година во Саутемптон. Главниот метеоролог на Met Office, Енди Пејџ, оцени дека ова е досега невиден топлотен бран за месец јуни и уште еден јасен показател за влијанието на климатските промени врз екстремните временски појави.

Во меѓувреме, топлотниот бран предизвикува сериозни проблеми и во останатиот дел од Европа. Во Германија денеска е измерен нов апсолутен температурен рекорд од 41,3 степени, на повеќе автопати коловозите се оштетени од високите температури, а железничкиот сообраќај е делумно запрен. Во Италија реката По достигна рекордно низок водостој, што ја загрозува земјоделската сезона, додека Данска, Словачка и други земји исто така бележат историски температурни рекорди.

Затворени училишта, болници под притисок и откажани летови

Последиците од жештините се чувствуваат и во секојдневниот живот. Во Англија повеќе од 570 училишта се делумно или целосно затворени, неколку болници прогласија кризна состојба, а железничките компании ги повикаа граѓаните да ги одложат патувањата поради ризик од оштетување на инфраструктурата.

Проблеми има и во воздушниот сообраќај. На аеродромите Хитроу и Гетвик се регистрирани стотици доцнења и десетици откажани летови поради грмотевични бури кои ги следат екстремните горештини, додека Eurostar откажа дел од железничките линии меѓу Лондон и Париз.

Според проценките, денеска околу 193 милиони луѓе низ Европа ќе бидат изложени на температури повисоки од 35 степени Целзиусови. Здравствените власти предупредуваат дека топлотниот бран веќе однесе стотици животи, а метеоролозите најавуваат дека во наредните денови, покрај горештините, се можни и силни невремиња со дожд, град и силен ветер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс