Европа се соочува со едно од најтешките летни жаришта во последните години. Екстремните температури кои во делови од континентот надминуваат 40 степени Целзиусови, во комбинација со сушата и силниот ветер, предизвикаа серија големи шумски пожари од Португалија и Шпанија, преку Франција, па сè до Грција и Хрватска.
Десетици илјади луѓе се евакуирани, а според проценките на Светската здравствена организација, од почетокот на летото повеќе од 1.300 луѓе починале како последица на екстремните горештини. Европската служба за климатски промени „Коперник“ потврди дека западна Европа го забележала најтоплиот јуни од почетокот на мерењата, што дополнително го зголеми ризикот од нови огнени жаришта.
Франција: Повеќе од 7.000 хектари изгорени, откажани прослави за Денот на Бастилја
Во Франција од почетокот на јули избувнаа десетици шумски пожари, при што изгореа повеќе од 7.000 хектари вегетација. Еден од најтешките пожари избувна во департманот Источни Пиринеи, меѓу Сент-Мари-ла-Мер и Кане-ан-Русијон, каде огнот уништи повеќе од 250 бунгалови во три туристички кампови.
Поради опасноста од нови пожари, повеќе градови ги откажаа традиционалните огномети по повод Денот на падот на Бастилја – 14 јули. Голем пожар ја зафати и познатата шума кај Фонтенбло, недалеку од Париз, каде беа уништени околу 800 хектари шума, а повеќе од 1.000 луѓе беа евакуирани.
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека во девет од десет случаи пожарите се предизвикани од човечки фактор.
Шпанија: Пожар во Андалузија однесе жртви, евакуирани илјадници луѓе
Шпанија се соочува со тежок пожар во Андалузија, во близина на Лос Гаљардос, каде според досегашните информации има загинати лица и голем број евакуирани жители. Се истражува можноста пожарот да бил предизвикан од пад на далекувод во близина на автопатот Н-340.
Силниот ветер дополнително го забрзал ширењето на огнот, а пожарникарите со денови се бореле да го стават под контрола.
Португалија активира европска помош
Португалија побара меѓународна помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија поради големите пожари. Во централниот дел на земјата, во областа Вузела, повеќе од 1.200 пожарникари се бореа со огнот кој, според сателитските податоци на „Коперник“, зафатил околу 12.000 хектари земја.
Голем пожар избувна и на италијанскиот остров Сардинија, каде гаснењето е отежнато поради непристапниот терен.
Балканот под висок ризик: Грција и Хрватска во борба со огнот
На Балканот ситуацијата е особено напната. Грција прогласи многу висок ризик од пожари во делови од Солун и Килкис, додека други региони се под засилено предупредување. Пожари веќе зафатија области во близина на Солун и западна Атика, поради што беа евакуирани жители од неколку населби.
Во Хрватска голем пожар избувна на островот Корчула меѓу Блата и Смоквица. Во гаснењето учествуваа околу 300 пожарникари, а беа ангажирани и канадери. На Хвар огнот проголта околу 200 хектари вегетација, а пожарникарите интервенираа со десетици возила и воздушна поддршка.
Предупредување и за Србија
И Србија е во состојба на зголемен ризик поради високите температури и сувиот период. „Србија шуми“ апелираа граѓаните да бидат внимателни, бидејќи една мала искра може да предизвика голема катастрофа.
Надлежните предупредуваат да не се пали трева и растителен отпад, особено во периоди со екстремна жештина и суша. Експертите предупредуваат дека комбинацијата од климатските промени, продолжените топлотни бранови и сушните периоди може да значи дека ваквите екстремни пожари ќе станат сè почеста реалност за Европа.