Евакуираните Шпанци се враќаат дома, но земјата ја зафаќа нов топлотен бран

Пожарот кај Мадрид и Авила зафати 77.000 хектари, а во Валенсија друг оган веќе пет дена не е ставен под контрола.

Илјадници евакуирани Шпанци се вратија во своите домови откако регионалните власти вчера ги укинаа ограничувањата за 13 населени места во централна Шпанија, по поволни временски услови и целонoќна работа на пожарникарите. Претставникот на шпанската влада во покраината Мадрид, Франсиско Мартин Агире, соопшти дека 24.000 евакуирани жители се вратиле дома, а на дополнителни 20.000 им е укината мерката за задржување во домовите.

Пожарникарските служби соопштија дека преку ноќ немало повторно активирање на пожариште и дека продолжуваат со зацврстување на периметарот и гаснење на преостанатите жаришта.

Владата во Мадрид, сепак, предупреди дека е потребна претпазливост. Периметарот на пожарот се протега на околу 250 километри, а во среда се очекуваат температури до 37 степени Целзиусови и засилување на ветерот, што дополнително би можело да им ја отежне работата на пожарникарите.

Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка изјави дека целта на операцијата во среда е пожарот да биде ставен под контрола, речиси една недела откако избувнал. Големите пожари околу Мадрид и во соседната провинција Авила досега зафатиле околу 77.000 хектари, што претставува една од најголемите огнени стихии во поновата историја на Шпанија.

Истовремено, на југоисток од земјата, пожарникарите петти ден се обидуваат да го стават под контрола големиот шумски пожар во провинцијата Кастељон, во областа Валенсија. Пожарот, кој зафати подрачје околу населбата Вал д’Уишо, проголтал околу 10.000 хектари, а периметарот му достигнал 75,5 километри.

Заради пожарот сè уште се евакуирани околу 10.000 жители, иако властите во вторник делумно ги укинаа ограничувањата за населените места Ла Вилавеља, Бечи и Онда.

е-Трн да боцка во твојот инбокс