ЕУ системот за влез и излез може да создаде хаос за патниците кон Грција

Новите европски правила за влез и излез (EES) би можеле значително да ги погодат туристите кои патуваат кон Грција, особено за време на летната сезона и продолжените викенди. Туристичките организации предупредуваат на можни долги колони и задржувања на границите. Системот веќе предизвикува проблеми на дел од европските гранични премини.

Новиот европски систем за влез и излез (EES), кој целосно стапи во функција во април 2026 година, би можел сериозно да влијае врз патувањата на граѓаните од Македонија кон Грција, особено во периодите на викенди, празници и летни одмори. 

Станува збор за дигитален систем кој ги заменува печатите во пасошите со електронска регистрација на патниците. При влез во земјите од Шенген-зоната, патниците кои не се државјани на ЕУ мора да остават биометриски податоци – фотографија и отпечатоци од прсти. 

Туристичката комора предупредува дека токму овие нови процедури можат да создадат дополнителни метежи на граничните премини кон Грција, особено на Богородица – Евзони, каде и без новите правила често има километарски колони во шпицот на сезоната. 

Според европските медиуми, на некои аеродроми и гранични премини веќе се регистрирани чекања од неколку часа поради проблеми со новиот систем, нефункционални киосци и дополнителни проверки. 

Поради страв од туристички хаос, Грција веќе воведе олеснувања за дел од патниците, а се разгледуваат и дополнителни мерки за намалување на гужвите во текот на летото. 

Од туристичкиот сектор во регионот предупредуваат дека најголем удар би можеле да почувствуваат токму викенд-патниците, кои масовно патуваат кон грчките плажи во петок навечер и за време на празници. Според нив, секое дополнително задржување по патник може да создаде огромни колони на границите.

Европската унија тврди дека системот на долг рок ќе ја подобри безбедноста и ќе овозможи побрза контрола на патниците, но првите недели од неговата целосна примена покажуваат дека транзицијата нема да биде едноставна. 

Паралелно со EES, Европската унија најавува и воведување на системот ETIAS до крајот на 2026 година, преку кој патниците од земји надвор од ЕУ ќе мора однапред електронски да добиваат дозвола за патување. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни