Населението на Европската Унија ќе го достигне својот максимум во 2029 година, по што ќе започне постепен, но долгорочен пад, покажува најновиот извештај на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Според проекциите, бројот на жители во 27-те земји членки ќе порасне од сегашните 450,6 милиони на 453,3 милиони во 2029 година, а потоа ќе почне континуирано да се намалува.
До 2100 година, Европската Унија ќе има околу 398,8 милиони жители, што претставува намалување од 11,7 проценти или речиси 52 милиони луѓе. Тоа е бројка слична на населението што Европа го имала во 1970-тите години.
Сѐ повеќе постари жители
Извештајот покажува дека Европејците живеат подолго благодарение на подобрата здравствена заштита и повисокиот животен стандард.
Очекуваниот животен век при раѓање во 2024 година достигнал 81,5 години, а до крајот на векот би можел да надмине 90 години кај жените и 86 години кај мажите. До 2050 година, речиси секој трет жител на ЕУ ќе има 65 години или повеќе, додека денес оваа возрасна група сочинува околу една петтина од населението.
Недостиг на работници и притисок врз буџетите
Европската комисија предупредува дека стареењето на населението ќе донесе сериозни економски и социјални предизвици, меѓу кои недостиг на работна сила, поголем притисок врз пензиските и здравствените системи и зголемени трошоци за јавните буџети. Во извештајот се наведува дека околу 20 проценти од работоспособното население во ЕУ моментално не е активно на пазарот на труд, а околу осум милиони млади не се ниту вработени, ниту се школуваат или посетуваат обуки.
„Сребрената економија“ како можност
И покрај негативните демографски трендови, извештајот укажува и на потенцијалот на таканаречената „сребрена економија“ – пазарот на производи и услуги наменети за постарата популација, кој се очекува значително да расте во наредните децении. Еврокомесарката Дубравка Шуица оцени дека Европа мора навреме да се приспособи на демографските промени.
„Живееме подолго и поздраво од кога било досега – тоа е едно од нашите најголеми достигнувања. Но, овие промени ги преобликуваат нашите општества, економии и пазари на труд. Мора да дејствуваме сега за оваа трансформација да ја претвориме во можност“, порача Шуица.
Во извештајот се наведува дека миграцијата може делумно да го ублажи недостигот на работна сила, но нема целосно да ги реши последиците од стареењето на европското население.