Европската Унија повторно се соочува со старото европско прашање, како да се прошири без притоа да го наруши сопственото функционирање. Според две анализи на бриселскиот Центар за европска политика (ЕПЦ), Унијата во моментов нема доволно подготвени институционални механизми за прием на нови членки. Проширувањето, според оцените во анализите, мора да оди паралелно со сериозна реформа на начинот на кој функционира ЕУ.
Еден од документите е подготвен од Ендру Даф, поранешен претставник на Европскиот парламент во процесот на изработка на Договорот од Лисабон. Тој оценува дека и покрај декларативната поддршка за проширувањето, европските лидери сè уште се поделени околу неговата иднина. Затоа, според него, особено внимание ќе има есенската стратегија за проширување што треба да ја предложи Европската комисија.
Проширувањето не мора секогаш да значи полноправно членство
Една од поинтересните точки во анализите е примерот со Исланд и Норвешка. Иако Исланд на референдум го одби полноправното членство во ЕУ, земјата е тесно интегрирана во европскиот економски простор и единствениот пазар. Слично е и со Норвешка. Двете земји применуваат голем дел од европските правила и се дел од Шенгенскиот простор.
ЕПЦ токму овој модел го користи за да покаже дека полноправното членство не е единствениот можен облик на европска интеграција. Тоа, сепак, не значи дека геополитиката е неважна. Напротив, во анализата се оценува дека политичкото и безбедносното приближување кон Европа може да се постигнува и преку различни степени на институционална интеграција.
Оваа перспектива е особено значајна за земјите што се на патот кон ЕУ, но се соочуваат со долг и неизвесен процес на пристапување.
Без реформи, проширената ЕУ може да се соочи со блокада
Даф предлага Унијата прво да ги реформира сопствените институции, а потоа да прими нови членки. Според неговата оценка, без демократско и институционално преуредување, проширената Унија би можела сериозно да се наруши.
Истовремено, тој предупредува дека проширувањето има и поширока безбедносна димензија. Во услови на зголемени геополитички тензии и ривалство со големите сили, европското проширување може да биде инструмент на надворешната и безбедносната политика.
Во анализата се оценува дека отпорот кон проширувањето во дел од земјите членки со текот на времето би можел да ослабне. Како еден од можните фактори се наведуваат и идни геополитички промени поврзани со војната во Украина.
Црна Гора може да напредува, но тоа не го решава проблемот на ЕУ
Како најнапреден кандидат во процесот на пристапување се издвојува Црна Гора. Даф смета дека дури и ако земјата ги исполни сите критериуми и стане членка до 2028 година, тоа само по себе нема да го реши поширокиот проблем со проширувањето.
Според него, Унијата мора да најде начин истовремено да го решава прашањето на новите членки и сопственото институционално уредување. Токму тука се појавува најголемиот политички проблем. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се залага за паралелно движење во двете насоки – проширување кон нови членки и реформи внатре во Унијата. Но, анализата предупредува дека за таков процес ќе биде потребна согласност од сите земји членки.
А тоа станува уште покомплицирано во услови кога во повеќе европски држави растат десничарскиот национализам и политичките сили што се скептични кон подлабока европска интеграција. Оттука, дилемата на ЕУ не е само дали сака нови членки, туку и дали може институционално и политички да се приспособи на нивното пристигнување. Според оценката на ЕПЦ, засега одговорот на второто прашање е – не целосно.