Од вчера амбалажата во Европската унија влегува во нова ера. На 12 август започна примената на новата европска регулатива за амбалажа и отпад од амбалажа, која треба да го намали огромното количество отпад што се создава секојдневно и да ја ограничи употребата на одредени супстанции во материјалите за пакување. Една од промените што најмногу привлекува внимание се однесува на таканаречените „вечни хемикалии“ – PFAS, кои се користат поради нивната отпорност на вода, маснотии и високи температури. Новите правила поставуваат ограничувања за нивната концентрација во амбалажа што доаѓа во контакт со храна.
Покрај PFAS, се ограничува и присуството на олово, кадмиум, жива и шестовалентен хром во амбалажата. Но, ова е само почеток.
Што ќе почувствуваат граѓаните?
Иако регулативата почнa да се применува од 12 август, не значи дека од утре кафулињата, рестораните и хотелите мора веднаш да ги сменат сите пакувања. За голем дел од промените се предвидени постепени рокови.
Од февруари 2027 година, потрошувачите ќе треба да добијат поголема можност да носат сопствени садови за храна и пијалаци за носење. Тоа значи дека, наместо секоја кафе-пауза или нарачка за храна да завршува со нова пластична или друга амбалажа за еднократна употреба, потрошувачот ќе може да го користи својот сад.
Од 2028 година се очекуваат дополнителни обврски за системи за повеќекратна употреба во секторот HoReCa.
А најголемата промена доаѓа во 2030 година
Тогаш на потрошувачите може да им изгледа дека правилата навистина го сменија секојдневното пазарење и јадење. ЕУ предвидува ограничувања за одредени еднократни пластични пакувања за храна и пијалаци, како и за некои мали индивидуални пакувања. Тоа се однесува и на пакувања за производи како сосови, шеќер и млеко, кои денес често ги добиваме во мали пластични или комбинирани пакувања.
Хотелскиот сектор исто така ќе мора да се приспособи на новите правила за малите козметички производи.
Зошто ЕУ го прави ова?
Причината е едноставна, отпадот од амбалажа расте. Онлајн купувањето, доставата на храна и навиката за купување производи „за носење“ создадоа огромен број кутии, пластични чаши, фолии, шишиња и други пакувања кои често се користат само неколку минути, а во животната средина можат да останат со години.
Новата регулатива затоа не се занимава само со тоа од што е направена амбалажата, туку и со тоа колку ја има, дали е неопходна и дали може повторно да се употреби. Една од идеите е да се спречи и таканареченото „лажно дно“, ситуации кога голема кутија или друга амбалажа изгледа полна, а значителен дел од нејзиниот волумен всушност е празен.
Ќе исчезнат ли пластичните чаши и малите шампони?
Не од утре. Тоа е една од најважните работи што треба да се знаат за новите правила. 12 август 2026 е почеток на примената на регулативата, но различните мерки имаат различни рокови. Некои ограничувања почнуваат веднаш, други во 2027 и 2028 година, додека најголем дел од промените што директно ќе се забележат во секојдневието се планирани за 2030 година.
Со други зборови, европската амбалажа нема да се промени преку ноќ. Но, од утре почнува процесот што постепено треба да доведе до тоа помалку амбалажа да се произведува, повеќе да се користи повторно, а помалку да завршува како отпад.