ЕУ го казни Гугл со 890 милиони евра за фаворизирање свои услуги

Европската комисија бара промени во пребарувачот бидејќи Гугл ги става своите услуги пред конкурентските. Казната следи по истрага отворена минатата година.

Европската комисија го казни Гугл со вкупно 890 милиони евра поради кршење на Актот за дигитални пазари (ДМА). Казните се изречени за фаворизирање на сопствените услуги при пребарување и за ограничување на програмерите на апликации да ги насочуваат корисниците кон поевтини алтернативи надвор од Гугл Плеј. Гугл има рок од 60 дена да ги примени одлуките на Комисијата.

Европската комисија утврди дека Гугл ги крши правилата со тоа што на своите корисници им ги прикажува сопствените услуги, како што се купување, хотели и транспорт, почесто и повисоко во резултатите од пребарувањето во споредба со услугите на конкурентите. Ова, според Комисијата, им штети на бизнисите кои нудат слични услуги. Казната за овој прекршок изнесува 460 милиони евра.

Втората казна, во висина од 430 милиони евра, е изречена поради ограничувањата кои Гугл им ги наметнува на програмерите кои ги дистрибуираат своите апликации преку Гугл Плеј продавницата. Комисијата утврди дека Гугл ги спречува програмерите да ги информираат корисниците за поевтини понуди надвор од Гугл Плеј и да ги насочуваат кон алтернативни продавници или веб-страници. Ова директно влијае на можноста на корисниците да ги добијат најдобрите цени.

Гугл мора да ги спроведе одлуките на Европската комисија во рок од 60 дена. Доколку компанијата не го стори тоа, се соочува со ризик од периодични казнени плаќања во висина до пет отсто од нејзиниот вкупен светски промет. Комисијата наведува дека Гугл веќе предложил и започнал со тестирање на одредени промени во начинот на прикажување на сопствените услуги при пребарување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс