ЕУ сака да воведе данок за онлајн обложување, Малта се заканува со вето

Брисел бара нови приходи за европскиот буџет, но земјите во кои индустријата за коцкање има силно влијание предупредуваат дека операторите ќе се преселат надвор од Унијата

Европската Унија размислува за воведување заедничка давачка за онлајн обложувалниците и дигиталните казина, со која би се обезбедиле дополнителни пари за следниот седумгодишен европски буџет. Но иницијативата веќе предизвика остар отпор од Малта, која се заканува дека ќе го блокира предлогот.

На страната на Малта, според дипломатски извори на „Политико“, застануваат и Италија, Португалија и Шпанија. Наспроти нив се Франција и други западноевропски држави што сметаат дека големата прекугранична индустрија треба да придонесува директно во буџетот на ЕУ.

Официјален законски предлог сè уште нема. Европската комисија ја анализира можноста, а секоја нова давачка што би станала сопствен приход на Унијата мора да биде едногласно одобрена од сите 27 членки.

Колку пари може да собере ЕУ?

Идејата ја покрена потпретседателот на Европскиот парламент, романскиот европратеник Виктор Негреску. Неговиот првичен предлог предвидуваше давачка од околу еден процент врз приходите на операторите за онлајн коцкање и обложување.

Според неговите процени, таквата мерка би можела да носи меѓу две и четири милијарди евра годишно, односно до 28 милијарди евра во текот на седумгодишниот буџетски период.

Европската комисија разгледувала и друга варијанта – давачка од три проценти врз нето-приходот на операторите. Таа би обезбедила околу 1,9 милијарди евра годишно, или вкупно 13,3 милијарди евра меѓу 2028 и 2034 година.

Сè уште не е утврдено дали давачката би се пресметувала врз приходите, добивката или маржата на компаниите. Една од можностите е дел од товарот индиректно да падне и врз играчите, зависно од интензитетот на нивното обложување.

Зошто Малта толку силно се противи?

Малта е европски центар на индустријата за онлајн коцкање. Повеќе од десет проценти од нејзиниот бруто-домашен производ се поврзуваат со овој сектор, кој обезбедува илјадници работни места и привлекува голем број меѓународни компании.

Малтешкиот премиер Роберт Абела порача дека неговата влада ќе се спротивстави на секој нов европски данок наменет за финансирање на централниот буџет на Унијата.

Претставниците на Малта тврдат дека дополнителната давачка ќе ги стави легалните оператори со седиште во ЕУ во понеповолна положба во однос на компаниите од трети земји. Според нив, дел од компаниите би можеле да ги преселат операциите надвор од Унијата, а играчите да се префрлат на нерегулирани платформи.

Индустриските здруженија предупредуваат и дека легалните оператори веќе плаќаат национални даноци и лиценци, поради што европската давачка би претставувала дополнително оданочување.

Но критичарите на Малта одговараат дека токму ниските даноци и поволните правила ѝ овозможиле на земјата да привлече компании што работат низ цела Европа, додека даночните приходи главно остануваат во Валета.

Онлајн коцкањето е прекугранично, даноците не се

Главниот аргумент на поддржувачите е дека онлајн обложувањето одамна не е национален бизнис. Компанија регистрирана во една членка може да заработува од играчи во повеќе други држави, додека правилата и даночните стапки значително се разликуваат.

Во некои европски земји ефективното оданочување на секторот е околу пет проценти, а во други се приближува до 40 проценти. Според застапниците на европската давачка, оваа разлика создава нелојална конкуренција и ги поттикнува компаниите да се регистрираат таму каде што даночниот товар е најмал.

Негреску смета дека индустријата ги користи европскиот единствен пазар, дигиталната инфраструктура и прекуграничниот пристап до корисниците, но не придонесува доволно во заедничкиот буџет.

Питер Шилтон стана лице на кампањата

Кампањата за европски данок доби и неочекуван сојузник – поранешниот англиски голман Питер Шилтон.

Шилтон со децении се борел со зависност од коцкање, за која вели дека му предизвикала сериозна лична и финансиска штета. Денес тој е активист против коцкарската зависност и едно од јавните лица на иницијативата во Европскиот парламент.

Парадоксално, Шилтон беше силен поддржувач на Брегзит, но сега учествува во кампања со која Европската Унија сака да регулира и оданочи една од најбрзорастечките дигитални индустрии.

Битка за буџет од два билиони евра

Данокот за онлајн обложување е само еден дел од многу пошироката битка околу следниот европски буџет, чија вредност може да достигне два билиони евра.

ЕУ треба истовремено да финансира одбрана, земјоделство, зелена транзиција, помош за Украина, образование и технолошки развој. Бидејќи земјите членки не сакаат значително да ги зголемат сопствените уплати, Брисел бара нови извори на приходи.

Но за воведување на давачката е потребна согласност од секоја членка. Тоа ѝ дава на Малта право на вето и ја претвора најмалата држава во ЕУ во еден од најважните играчи во преговорите за буџетот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс