ЕУ бара од Мета да ги укине функции на Фејсбук и Инстаграм кои прават зависност кај младите

Европската комисија реагираше против бесконечното скролање и автоматското пуштање видеа на Инстаграм и Фејсбук. Комисијата утврди дека Мета не презела доволно мерки за да ги спречи ризиците што нејзините платформи ги претставуваат за менталното здравје на корисниците, вклучувајќи ги и децата.

Европската комисија донесе прелиминарен заклучок дека компанијата Мета го прекршила Законот за дигитални услуги (DSA) поради „зависниот“ дизајн на Инстаграм и Фејсбук. Оваа одлука ја отвора вратата за потенцијална казна вредна милијарди евра.

Истрагата на регулаторите е насочена кон неколку клучни функции: бесконечното скролање (infinite scroll), автоматското пуштање видеа (autoplay), нотификациите (push notifications) и високо персонализираните алгоритми за препорака. Според нив, овие алатки ги тераат корисниците да ги користат апликациите на „автопилот“ и поттикнуваат компулсивно однесување.

„Заштитата на физичкото и менталното здравје на Европјаните мора да биде приоритет за социјалните мрежи“, изјави Хена Виркунен, извршен потпретседател на Комисијата за технолошки суверенитет, безбедност и демократија. таа додаде дека Законот за дигитални услуги обезбедува јасна рамка со која платформите ќе сноси одговорност за зависните ефекти од нивните услуги.

Истрагата открива: Мета ги игнорирала податоците за тинејџерите

Истрагата, која беше отворена во мај 2024 година, покажа дека Мета свесно ги занемарила ризиците по здравјето на најранливите социјални групи – малолетниците и ранливите возрасни лица.

Инспекторите откриле дека компанијата ги игнорирала податоците за тоа колку време тинејџерите поминуваат на Инстаграм и Фејсбук во текот на ноќта. Исто така, Мета била свесна дека форматите како Reels и Stories се оптимизирани на начин што може да предизвика прекумерна и неконтролирана употреба.

Постоечките заштитни механизми на Мета се оценети како неефикасни. Од Комисијата велат дека алатките за управување со времето, дури и оние што се автоматски вклучени кај тинејџерите, лесно можат да се заобиколат и не го намалуваат времето поминато на апликациите. Родителската контрола, пак, се покажала корисна само за родители со напредни технички познавања и доволно време да ги конфигурираат овие опции.

Потребни се итни структурни промени

Европската комисија бара од Мета да направи суштински промени во дизајнот на двете социјални мрежи. Меѓу клучните барања се исклучувањето на опциите за автоматско пуштање видеа и бесконечно скролање по дифолт (стандардно), воведувањето на ефективни паузи за време на користењето на екранот, како и прилагодувањето на алгоритмите за препораки со цел тие да бидат помалку фокусирани на вештачко задржување на вниманието на корисниците.

Казна од над 12 милијарди долари?

Овие наоди се прелиминарни и Мета сега има право да ги разгледа документите од истрагата и да достави писмен одговор пред да биде донесена конечната одлука.

Доколку наодите се потврдат, Мета се соочува со казна до 6% од својот вкупен годишен глобален промет. Врз основа на приходите на компанијата од 2025 година, кои изнесуваа речиси 201 милијарда долари, потенцијалната казна би можела да надмине 12 милијарди долари (околу 11 милијарди евра).

Ова е само последна во низата мерки на ЕУ според новиот Закон за дигитални услуги. Претходно, во декември, социјалната мрежа Х на Илон Маск беше казнета со 120 милиони евра, додека кинескиот гигант за е-трговија Temu во мај доби казна од 200 милиони евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс