Естонија ги преместува борбените единици поблиску до Русија: Oдбраната ќе почнува на границата

Естонските власти не очекуваат целосна војна меѓу Русија и НАТО во следните две години, но предупредуваат на можноста за ограничена операција на Москва

Естонија ги преместува своите главни борбени единици поблиску до руската граница, во рамките на стратегијата за „активна одбрана“. Првата бригада ќе се пресели од Тапа во Јихви, на околу 50 километри од границата, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на естонски воени и разузнавачки претставници.

Целта е евентуален напад да биде запрен од самиот почеток. Естонските претставници не очекуваат целосна војна меѓу Русија и НАТО во следните две години, но предупредуваат на можноста за ограничена операција со која Москва би ја тестирала подготвеноста на Алијансата да одговори.

Дополнително воено присуство се планира и во пограничниот град Нарва. Според извештајот што го пренесе италијанската агенција „Нова“, базата е предвидена за околу 200 постојано распоредени војници, со простор за уште 800 во кризна ситуација.

Естонското Министерство за одбрана уште во јуни ја потврди одлуката за изградба на воен комплекс во Нарва. Министерот Хано Певкур ја опиша како стратешка одлука што ќе ја зајакне одбраната и присуството на државата во пограничниот град. Тој нагласи дека Естонија сериозно ја сфаќа одбраната на својата територија „од првиот метар“.

Промената на стратегијата е придружена и со набавка на оружје со долг дострел. Според „Нова“, Естонија склучила договори за девет американски системи ХИМАРС и девет јужнокорејски системи „Чунму“, со можност за дејствување на растојание до околу 300 километри. Одбранбените расходи годинава се зголемуваат за 42 проценти, на 2,4 милијарди евра, односно 5,4 проценти од БДП.

Набавката на системи со долг дострел е дел и од официјалната владина програма. Во неа се предвидува развој на способности за уништување закани на противничка територија, доколку тоа биде неопходно, како и изградба на заедничка балтичка одбранбена зона со Летонија и Литванија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс