Европска партија блиска до AfD под истрага: можно укинување на финансирањето од ЕУ

Европската политичка партија „Европа на суверени нации“, основана со поддршка од AfD, е под истрага поради сомнежи за неусогласеност со основните вредности на ЕУ.

Европската политичка партија „Европа на суверени нации“ може да го загуби статусот на европска партија и финансирањето од буџетот на Европската Унија, објави „Политико“.

Партијата, позната по кратенката ESN, беше основана со поддршка на германската Алтернатива за Германија, а сега е предмет на постапка што ја води надзорното тело за европски политички партии и фондации.

Причината за постапката се сомнежи дека партијата не е усогласена со основните вредности на Европската Унија. Во извештаите како спорни се наведуваат антиимигрантски, антисемитски и анти-ЛГБТ ставови, како и повици за таканаречена „ремиграција“.

Во документите се споменува и бугарската партија „Преродба“, поради наводна соработка со „Единствена Русија“ на Владимир Путин. Се наведува и AfD, која германските служби претходно ја класифицираа како десничарска екстремистичка организација.

Според „Политико“, суд во Келн оценил дека делови од програмата на AfD се спротивни на човековото достоинство и верската слобода.

Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на ЕУ засега немаат заеднички став за следните чекори. Сепак, доколку постапката продолжи и се утврди прекршување на правилата, ESN би можела да ја загуби регистрацијата како европска политичка партија.

Тоа би значело и прекин на европските субвенции. Според проценките, партијата би можела да остане без околу два милиони евра годишно.

Од ESN и AfD засега нема официјален одговор на обвинувањата. Претседателот на ESN, Станислав Стојанов, претходно изјави дека партијата нема директна контрола врз своите членки, но дека останува посветена на вредностите на Европската Унија преку дијалог и соработка.

Случајот повторно ја отвора дебатата за тоа каде е границата меѓу политичкиот плурализам во Европа и обврската европските партии што добиваат јавни средства да ги почитуваат основните вредности на Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс