Ескалација во Заливот: ОАЕ ја прекина трговијата со Иран, Техеран ги отфрла обвинувањата за ракетните напади

Развојот дополнително ја зголемува неизвесноста во Персискиот Залив, особено поради стратешкото значење на регионот за глобалната трговија и транспортот на енергенси.

Обединетите Арапски Емирати до понатамошно ги прекинаа трговијата, размената и финансиските трансакции со Иран, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата. Како причина за одлуката се наведува регионалната ескалација, која, според властите во ОАЕ, го загрозува регионалниот и меѓународниот мир и безбедност.

Иран ги отфрла обвинувањата

Во меѓувреме, иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата на ОАЕ дека Техеран стои зад ракетните напади врз оваа заливска држава извршени еден ден претходно.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, ги оцени обвинувањата како „неосновани“. Одлуката на ОАЕ претставува нов сериозен удар врз односите меѓу двете земји, во момент кога тензиите на Блискиот Исток дополнително се зголемуваат.

Тензиите се шират низ целиот регион

Кризата ескалираше по заедничките американски и израелски напади врз Иран. Техеран потоа возврати со напади врз држави во кои се распоредени американски воени капацитети, меѓу кои и Обединетите Арапски Емирати. Со последната одлука, Абу Даби не само што политички реагира на ескалацијата, туку воведува и директни економски мерки против Иран, прекинувајќи ја трговската и финансиската размена до понатамошно известување.

Развојот дополнително ја зголемува неизвесноста во Персискиот Залив, особено поради стратешкото значење на регионот за глобалната трговија и транспортот на енергенси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс