Ескалација на Блискиот Исток: САД повторно го нападнаа Иран, Техеран возврати со удари врз американски бази во Кувајт и Бахреин

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека американските авиони погодиле складишта за ракети и беспилотни летала, како и крајбрежни радарски станици во Иран

Конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран повторно ескалираше, откако американските сили втор ден по ред извршија напади врз воени цели на иранска територија, а Техеран возврати со напади врз американски воени бази во Кувајт и Бахреин.

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека американските авиони погодиле складишта за ракети и беспилотни летала, како и крајбрежни радарски станици во Иран, наведувајќи дека нападот е одговор на иранскиот напад врз нафтен танкер во Ормутскиот Теснец и на, како што тврди Вашингтон, ново прекршување на договорот за прекин на огнот.

„Можеби ќе дојде момент кога повеќе нема да можеме ниту ќе сакаме да бидеме разумни. Тогаш ќе бидеме принудени воено да ја довршиме работата што многу успешно ја започнавме. Ако тоа се случи, Исламската Република Иран повеќе сигурно нема да постои“, порача Трамп.

Според Централна команда на САД (CENTCOM), цел на нападите биле иранска воена инфраструктура, комуникациски системи, позиции на противвоздушната одбрана, складишта за дронови и објекти за поставување поморски мини.

Иран возврати со напади врз американски бази

Иранските медиуми јавија дека морнарицата и воздухопловните сили на земјата, со поддршка на беспилотни летала, извеле координирани напади врз американски воени бази во Кувајт и Бахреин. Од Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC) порачаа дека во иднина ќе реагираат уште пожестоко доколку бидат прекршени постигнатите договори.

„Американските бази во регионот би можеле да поминат низ пекол во наредните денови“, соопшти IRGC.

Неименуван американски претставник потврдил дека имало ирански напади врз американски објекти во Кувајт и Бахреин, но засега, според неговите информации, нема пријавени американски жртви ниту поголема материјална штета.

Иран, од своја страна, ги обвини САД дека се единствен виновник за нарушувањето на примирјето, додека иранските медиуми објавија дека експлозии биле регистрирани во регионите Сирик и Кешм, на југот на земјата. Ситуацијата и натаму е неизвесна, а официјалните информации од двете страни сè уште се ограничени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс