Вулканот Анак Кракатау во Индонезија еруптираше рано утрово, исфрлајќи лава и вулканска пепел што се прошири кон повеќе области, меѓу кои и делови од Џакарта. Поради опасноста за воздушниот сообраќај, привремено беше прекинат и сообраќајот на меѓународниот аеродром „Сукарно-Хата“.
Индонезиската геолошка агенција соопшти дека вулканот, кој се наоѓа во Сундскиот Теснец меѓу островите Јава и Суматра, покажувал зголемена активност уште од петокот. Ерупцијата започнала во 3:53 часот и траела околу 30 секунди, но активноста продолжила со серија нови ерупции.
Фонтана од лава и силно тутнење
Од кратерот бил исфрлан врел вулкански материјал, а бил забележан и феномен опишан како „фонтана од лава“. Тутнежот и вулканските потреси биле почувствувани во повеќе подрачја на провинциите Бантен, Лампунг и Западна Јава.
На социјалните мрежи жителите на Џакарта и околните градови објавија фотографии и видеа од вулканскиот пепел што паѓал на улиците. На снимките се гледаат ситни светли честички како паѓаат од небото, додека автомобилите, зградите и јавните површини во делови од метрополата биле покриени со сивкаста прашина.
Два облака пепел, едниот достигнал 15,2 километри
Индонезискиот Центар за вулканологија и ублажување на геолошките опасности соопшти дека со помош на сателитски снимки биле идентификувани два облака вулкански пепел. Првиот достигнал височина од околу 6.100 метри и се движел кон североисток, при што влијаел врз делови од Џакарта, Бантен и Западна Јава.
Вториот облак се искачил до околу 15.200 метри и се движел кон запад и северозапад. Тој опфатил делови од Бантен, Лампунг и Бенгкулу, како и Сундскиот Теснец и дел од Индискиот Океан западно од Суматра.
Прекинат воздушниот сообраќај
Поради вулканската активност, меѓународниот аеродром „Сукарно-Хата“ привремено го прекинал воздушниот сообраќај од 5:30 до 9:30 часот. Вулканската пепел претставува сериозна опасност за авионите, бидејќи може да навлезе во моторите и да предизвика нивно оштетување или губење на потисокот.
Нема информации за жртви
Засега нема информации за загинати или повредени, ниту е издадена наредба за евакуација. Надлежните, сепак, ги предупредиле жителите и посетителите да не се приближуваат на помалку од три километри од активниот кратер. Најблиското населено место се наоѓа на повеќе од 16 километри од вулканот.
Се испитува и можноста за подводно свлечиште
Истражувачите предупредуваат дека вулканската активност можеби предизвикала подводно свлечиште и уривање на значителен дел од југозападната падина на Анак Кракатау. Такво поместување би можело да придвижи големо количество вода, што е особено значајно поради историјата на овој вулкан и неговата поврзаност со разорниот настан во Сундскиот Теснец во 2018 година.
Засега, надлежните продолжуваат внимателно да ја следат активноста на вулканот и движењето на облаците пепел.