Тројца планинари кои се искачувале на планината Дуконо во Индонезија загинале по ерупција на вулкан утрово. Снимките и фотографиите од ерупцијата на островот Северни Молучки Острови покажуваат дека вулканот исфрла столб од пепел во висина и до 10 километри во воздухот.
Трите жртви биле дел од група од 20 сингапурски и индонезиски државјани кои планинареле и покрај забраните. Спасувачите на крајот ги лоцирале останатите од групата и ги евакуирале од планината.
Вулканот еруптирал повеќе од 200 пати од март минатата година. Властите претходно издадоа предупредувања против искачување на планината од безбедносни причини. Последната ерупција се случи во 07:41 часот по локално време, токму кога многу луѓе беа на планината за искачување рано наутро.
Индонезиските власти потврдија дека двајца Сингапурци и еден локален жител од блискиот град Тернате загинале. Спасувачите на крајот ги пронајдоа останатите од нивната група, а повеќето беа безбедно спуштени од планината и однесени во болница за лекување на повредите.
Двајца членови на групата, кои работеле како носачи, останале на планината за да им помогнат на спасувачките екипи да ги пронајдат телата на загинатите. Еден од локалните жители што им помагал на спасувачите рекол дека планината Дуконо сè уште исфрлала вулкански материјал од кратерот во петокот попладне.
Алди Салабија за Би-Би-Си Индонезија изјави дека тие се наоѓаат во локално планинско засолниште каде што подготвуваат спасувачка операција. „Од засолништето можеме да видиме пепел и камења како постојано летаат“, рече тој.
Шефот на полицијата во Северен Халмахер, Ерлихсон Пасарибу, истакна дека извлекувањето на телата, кои се наоѓаат на големи надморски височини, е отежнато од повторените ерупции, непристапниот терен и силните експлозии од внатрешноста на вулканот. Покрај споменатата група од 20 лица, изјавите на очевидци укажуваат дека на планината имало и други планинари.
Еден водич, кој бил на Дуконо со двајца клиенти во времето на ерупцијата, рекол дека верува оти високиот притисок во вулканот се зголемувал со денови. „Кога Дуконо не еруптира неколку дена, мора да бидете внимателни“, рекол тој, опишувајќи ја ерупцијата како „огромна“ и „исклучително моќна“.
Додека се искачувале, тој видел една група луѓе на самиот раб на кратерот, додека друга група, само околу 50 метри од кратерот, снимала видеа со дрон.
„Слушнав длабок потрес и веднаш решив да се спуштам со гостите. На крајот, тројцата останавме неповредени“, рече водичот. Тој додаде дека за време на спуштањето видел дека многу од алпинистите сè уште се на самиот врв.
Опасни видеа на социјалните мрежи
Индонезиските власти велат дека редовно издавале предупредувања против искачување на Дуконо преку социјалните медиуми и транспаренти на влезовите на патеките, но некои алпинисти едноставно ги игнорирале. Индонезиската агенција за пребарување и спасување „Барсанас“ соопшти дека првичните истраги укажуваат на „можна небрежност од страна на туристичките оператори или поединци“ кои продолжиле да се искачуваат и покрај опасноста.
Вулканот Дуконо моментално е на второ од четири нивоа на индонезискиот систем за тревога, што значи зголемена активност и потреба од претпазливост. Во декември 2024 година, агенцијата им советуваше на туристите и алпинистите да се воздржат од какви било активности во радиус од четири километри од главниот кратер поради ризик од исфрлање камења, пепел и лава.