Македонскиот софтверски инженер Ертај Шашко, кој го изгубил видот поради ретинитис пигментоза, денес раководи со технолошки проекти во американскиот Blind Institute of Technology. Неговата приказна покажува како пристапната технологија и можноста за професионална надградба можат да отворат пат до вработување за лицата со попреченост, објави „Брц“.
Ертај Шашко, софтверски инженер од Струга, успеал да изгради меѓународна кариера во технолошкиот сектор откако го изгубил видот. Неговата приказна е објавена на платформата Workforce Navigators на компанијата „Сејлсфорс“ (Salesforce), во текст посветен на пристапноста и вработувањето на професионалци со попреченост.
Шашко дипломирал компјутерски науки и инженерство на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид, а претходно работел како развивач на мобилни апликации. Во средината на дваесеттите години почнал значително да го губи видот поради ретинитис пигментоза, наследно заболување што постепено ја оштетува мрежницата.
Шашко и претходно работел на развојот на пристапната технологија за лицата со оштетен вид во Македонија. Во 2021 година, заедно со Кристијан Лазарев, учествувал во создавањето на компјутерскиот глас „Кико“, кој овозможува претворање на текстуалните содржини на македонски јазик во говор. Двајцата биле ангажирани за тестирање и контрола на квалитетот на гласот, а Шашко придонел и со своето техничко знаење и искуството во користењето читачи на екран. Во интервју за „Факултети.мк“ во август 2021 година, тој објаснил дека почнал да користи читач на екран во 2018 година, за да продолжи да работи на компјутер и да ги користи дигиталните уреди и покрај губењето на видот.
Соочен со ограничената поддршка за возрасни лица со оштетен вид во земјата, Шашко самостојно научил да користи читач на екран, технологија што овозможува пристап до содржините на компјутерот преку аудио или синтетизиран говор.
Но, враќањето на пазарот на трудот не било едноставно. И покрај образованието и претходното професионално искуство, при барањето работа се соочувал со ситуации во кои работодавците повеќе ја забележувале неговата попреченост отколку неговите знаења и квалификации.
Обуката што му го отвори патот кон нова кариера
Пресвртот се случил во 2020 година, кога преку објава на „Редит“ дознал за обука на американскиот Blind Institute of Technology (BIT), организација што работи на подобрување на пристапот до технолошки професии за лицата со попреченост.
Обуката за администратор на платформата „Сејлсфорс“ била организирана на далечина и приспособена за пристапно користење. По завршувањето, Шашко се стекнал со сертификат и започнал практикантска работа во организацијата, по што бил вработен.
Во мај 2021 година ја добил сертификацијата за администратор на платформата „Сејлсфорс“, а во декември истата година се стекнал и со сертификат за развивач на платформата.
Денес работи како виш раководител на проектен тим во BIT. Неговите задачи опфаќаат развој и архитектура на технолошки решенија, координација на тимот, комуникација со клиентите и менторирање на нови кадри. Според објавената приказна, тимот со кој работи реализирал повеќе од 30 проекти.
„Нашата цел со овој филм беше да покажеме дека навистина можеме да ја работиме работата. Сè што ни е потребно е можност да покажеме што можеме“, вели Шашко.
Кога технологијата е пристапна, попреченоста не мора да биде пречка за работата
Неговото секојдневно искуство покажува и колку е важен начинот на кој се дизајнирани дигиталните алатки. Со помош на тастатура и читач на екран, Шашко може самостојно да работи со алатките на „Сејлсфорс“. Но, кога некоја програма бара интеракција со глувче, како што е повлекување и поставување елементи на екранот, понекогаш му е потребна помош од колега што гледа.
Тој посочува дека и алатките за вештачка интелигенција можат да ја подобрат пристапноста, на пример преку претворање визуелни дијаграми и графикони во текстуални описи што може да ги прочита читачот на екран.
Приказната за Шашко е дел од филмски проект на BBC StoryWorks Commercial Productions, подготвен за Blind Institute of Technology, кој ги претставува можностите за професионален развој на лицата со попреченост во технолошкиот сектор.
Шашко е првиот меѓународен вработен во Blind Institute of Technology. Покрај работата на проектите, тој учествува и во менторирањето на нови кадри што се обучуваат за работа во технолошката индустрија.
Извор: Брц
