„Епл“ отвора концертна сала во легендарната електрана „Батерси“ во Лондон

Новиот простор со капацитет од 600 гости, наречен „Apple Music Hall“, ќе биде отворен на 28 септември

Компанијата „Епл“ ќе отвори нова концертна сала со капацитет од 600 посетители во комплексот на поранешната електрана „Батерси“ во Лондон, каде што се наоѓа и нејзиното британско седиште.

Новиот простор, наречен „Apple Music Hall“, ќе биде отворен на 28 септември и ќе биде наменет за концерти на познати музички имиња, но и за настапи на нови и сè уште неафирмирани изведувачи.

Салата е опремена со сцена широка околу 11,5 метри, која ќе може да се приспособува според потребите на изведувачите. Во неа е инсталиран просторен аудиосистем со 48 звучници, а целиот простор е подготвен и за снимање со најмалку 16 камери.

Зад сцената се изградени две посебни студија за снимање и миксање звук, со што салата ќе може да функционира и како целосен продукциски центар. Концертите ќе се снимаат, а дел од настапите ќе се емитуваат во живо преку интернет и ќе бидат достапни за публиката ширум светот.

Паралелно со концертната сала, „Епл“ отвора и нови студија на „Apple Music Radio“. Оттаму во иднина ќе се емитуваат сите емисии на радиото што се произведуваат во Лондон.

Од компанијата велат дека ограничениот капацитет на салата е намерно избран за да се создаде поблиска врска меѓу музичарите и публиката, без притоа да се прави компромис со продукциските услови.

„Секогаш бараме нови начини за поврзување на изведувачите со обожавателите, бидејќи и ние самите сме љубители на музиката. Во ‘Apple Music Hall’ ќе се создаваат одлична музика и спомени“, изјави глобалниот креативен директор на „Apple Music“, Зејн Лоу.

Со отворањето на салата, „Епл“ се враќа на лондонската концертна сцена. Компанијата претходно една деценија го организираше фестивалот „iTunes Music Festival“, на кој настапуваа светски ѕвезди како Адел, Елтон Џон, Лејди Гага и „Уан дајрекшн“. Фестивалот престана да се одржува во 2017 година.

Новиот простор се отвора во период кога независната музичка сцена во Лондон се соочува со сериозни притисоци. Според Би-би-си, во британската престолнина во текот на минатата година биле затворени 45 концертни простори.

Електраната „Батерси“, која повторно беше отворена во 2022 година по обемна реконструкција, има посебно место и во музичката историја. Таа е препознатлива по тоа што се појавува на обвивката на албумот „Animals“ на групата „Пинк флојд“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс