Актерот Енис Бешлагиќ настапи во Сиднејската опера на мајчин јазик

Со автобиографската претстава „Да сам ја неко“, босанскохерцеговскиот актер настапи 150 минути пред дијаспората без превод и титлови.

Босанскохерцеговскиот актер Енис Бешлагиќ ја изведе својата авторска претстава „Да сам ја неко“ во познатата Сиднејска опера во Австралија. Со овој настап тој стана првиот актер од поранешните југословенски простори што самостојно одиграл сопствена претстава во оваа престижна светска сала, претставувајќи ја својата приказна целосно на мајчин јазик.

Претставата траеше околу 150 минути и се одигра целосно на босански јазик, без превод или титлови за публиката. На сцената на Бешлагиќ му се придружија пејачката Амира Медуњанин и хармоникашот Нихад Мустафиќ Шербо. Музичкиот дел од програмата беше посветен на сеќавањето на Халид Бешлиќ и Сафет Исовиќ, што предизвика силен емотивен одзив кај присутната публика од дијаспората.

По завршувањето на изведбата, Бешлагиќ ги сподели своите впечатоци на социјалните мрежи, заблагодарувајќи се за поддршката.

„Сиднејската опера, прекрасна емоција, многу луѓе, една убава приказна што испиша своја историја. Она што ми е можеби најважно е тоа што се отворија вратите за сите уметници од нашите простори кои сакаат да играат, да создаваат и да ги претстават своите приказни. Оваа приказна продолжува, таа убаво живее меѓу луѓето и оди понатаму“, порача Бешлагиќ.

Претставата „Да сам ја неко“ претставува автобиографско дело во кое актерот низ лични анегдоти, хумор и спомени зборува за својот живот, професионалниот пат и општествените предизвици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс