Европа не се соочи со „класична криза на недостиг”, туку со криза на стабилност. Цените на гасот останаа двојно над преткризните нивоа, а геополитиката ги диктира скоковите. Холандскиот TTF бенчмарк, термометарот на европскиот гасен пазар ги преживеа сите фази: од €15/MWh во 2019, до неверојатни €350/MWh во август 2022, назад на €42/MWh во 2026. Но „нормалното” повеќе не е она пред кризата.
Европа во април 2026 година е под енергетски притисок кој потсетува на 2022 година, но со поинаква причина. Не е Русија. Овој пат е Иран. Нарушувањата на транспортот на течен природен гас низ Хормускиот теснец ги турнаа цените на гасот нагоре, а со нив и цените на струјата во голем дел од Европа. Македонија нема ни гасни ни нафтени резерви. Нема ни буфер. Платена е цена за тоа уште пред бројките да пристигнат во сметките.
За Македонија, земја која увезува 65.5% од своите вкупни енергетски потреби, секое поместување на европскиот пазар директно се прелева во домашните сметки и производствени трошоци.
Иран и Хормускиот теснец: новиот енергетски фронт
Изворот на тековниот европски енергетски притисок е геополитички, но пренесен преку пазарни механизми. Геополитичките тензии во 2026 година, вклучително конфликтот со Иран и нарушувањата во транспортот на ЛНГ низ Хормускиот теснец, ја истакнаа продолжената ранливост на Европа кон нестабилните цени на природниот гас. И покрај тоа што гасот сочинува само 18 до 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ, тој диспропорционално ги диктира трошоците за струја поради пазарниот механизам на маргинална цена. Кога бенчмарк индексот TTF скокнува, цените на електричната енергија во земјите зависни од гас, како Италија и Германија, достигнуваат 120 до 150 евра по мегават час, додека земјите со диверзифициран енергетски микс, како Франција и Шпанија, остануваат поблизу до 60 до 80 евра.
Последиците веќе се сметаат во евра. Европската унија потрошила дополнителни 24 милијарди евра, односно над 587 милиони долари на ден за увоз на енергија откако започна конфликтот, без да добие ниту молекул повеќе енергија.
Комесарот за енергетика на ЕУ Дан Јоргенсен предупреди дека кризата ќе ги покачува цените „уште неколку месеци, или можеби и години”, нагласувајќи дека ударот ќе биде долготраен, а не краткорочен ценовен скок
Историјата на TTF: Бројките кои ја расказуваат кризата
ТТФ ги одразува глобалните геополитички движења речиси во реално време. Инвазијата на Украина во февруари 2022 го пратеше гасот во стратосфера. Американскиот LNG постепено ја врати рамнотежата — но не и предкризната стабилност.

TTF цена на природен гас (€/MWh) — 2019 до 2026
„Диверзификацијата на снабдувањето не значи намалување на изложеноста на ценовни волатилности — само поврзаност со поширок, уште понестабилен пазар.” се вели во извештајот на IEEFA, за Април 2026
Американскиот LNG денес сочинува ~48% од европскиот увоз, замествајќи руски гас кој падна од 45% (2021) на само 12% (2025). Но цената на LNG е поврзана со азиските пазари, конфликтите на Блискиот Исток и глобалниот транспорт, факторите кои Европа не може да ги контролира.
Зошто гасот ги диктира цените на струјата?
Иако гасот произведува само 18–20% од европската струја (намалено од 25% пред кризата), тој го поставува маргиналното ниво на цената во системот. Последната (најскапа) централа која работи ја одредува цената за сите.
За да се разбере зошто нарушувањето на гасот се претвора во скапа сметка за струја, треба да се разбере пазарниот механизам. Под системот на маргинална цена, евтините извори на производство, нуклеарни, хидро, ветерни и соларни централи, се вклучуваат први. Гасните централи, со повисоки маргинални трошоци, доаѓаат на ред кога побарувачката ги надминува евтините извори. Кога тие влезат во игра, нивната цена ја поставува цената за целиот пазар. Оттука, гасот не доминира по волумен, но ги диктира цените. It
Европскиот резервоарски систем дополнително ја засилува нестабилноста. Европските подземни складишта на гас се значително под просекот забележан во истиот период минатата година. Германија и Франција имаат складишта полни под една четвртина, додека Холандија е во најкритична ситуација на континентот. Финансиските аналитичари ги ревидирале прогнозите за цената нагоре за следниот квартал, а под неповолни сценарија, просечните цени можат да пораснат значително повисоко

Македонија: Енергетскиот микс и цената на зависноста
Во 2025 г., Македонија произведува струја претежно од јаглен и увоз, двата извора со највисока изложеност на надворешни шокови. Обновливите извори остануваат маргинални.
За Македонија, европскиот енергетски притисок не е апстракција. Тој е директна реалност на берзата. Македонија моментално плаќа повеќе од соседите и тоа не само поради тековни шокови, туку затоа што сè уште нема долгорочна стратегија. На берзата на електрична енергија во почетокот на 2025 година биле забележани цени од 143 евра по мегават час во јануари и 158 евра во февруари. Иако пролетта донела мало олеснување со 104 евра во март и 88 евра во април, тие нивоа сè уште се прескапи.
Структурните причини за ова се добро познати. Македонија има силна зависност од увоз, недоволно домашно производство поради стари електрани кои честопати се вон функција, и неразвиен пазар кој сè уште не е целосно интегриран со регионот.
Во 2024 година државата обезбедила 6.129 GWh електрична енергија од сопствени извори и морала да увезе приближно 11 отсто од потрошувачката. За прв пат во домашното производство во 2024 година обновливите извори сочинуваат 56 отсто од инсталираната моќност, но миксот од старите централи и новите капацитети сè уште не е доволен. Зависноста од увоз останува кога сонцето заоѓа, ветерот стивнува или јагленските котли влегуваат во ремонт.
Граѓанинот ги плаќа европските потреси
Директниот ефект за македонскиот граѓанин е инфлацијата, но индиректниот е поширок. Кога расте цената на струјата и горивото, растат и трошоците за транспорт, производство и храна. Економистите го нарекуваат тоа „втора рунда на инфлација”: кога првичниот шок се шири низ целата економија пред граѓаните да го сфатат.
Цените на електричната енергија во Македонија пораснале за 2,28 отсто уште од почетокот на 2026 година, со дополнителни зголемувања предвидени низ сите блокови на потрошувачка. Цената на ЕСМ за продажба на електрична енергија на универзалниот снабдувач е поставена на 65 евра по мегават час. Тоа е регулирана цена, заштитена за домаќинствата, но индустриските потрошувачи ги купуваат на пазарни услови, каде притисокот е директен и непосреден.
Европскиот одговор и македонскиот заостанок
Европската унија реагираше на кризата со конкретни мерки. Европската комисија предложила поголема координација помеѓу земјите-членки за полнење на подземните складишта и итно воведување на „Набљудувач за горива” за следење на производството, увозот, извозот и нивоата на залихи. Комисијата бара забрзување на интерконекциите меѓу земјите и зголемување на обновливите извори.Adria Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен изјавила дека ЕУ мора да ја забрза транзицијата кон домашна чиста енергија за да добие енергетска независност.
Македонија е во процес на одговор, но со задоцнување. Владата усвоила план со 61 мерка за намалување на зависноста од увоз на струја и зголемување на домашното производство, особено од сонце и ветер. Паралелно се работи на интерконекторот за гас со Грција, а се планира гасно поврзување со Србија.
Но структурниот проблем останува. Додека Европа ги брои последиците од новата кризаи ги зајакнува буферите, Македонија нема ни гасни складишта, ни диверзифицирани договори, ни доволна домашна производна база за да апсорбира удари. Оставена е да ги следи европските цени без европската заштитна мрежа.

Ранливоста на Балканот: Ценовен следбеник
Регионот не ги поставува цените — тој ги следи. Три структурни слабости го зголемуваат ризикот:

Македонија нема домашни резерви на нафта и природен гас туку целосно зависи од увоз. Транзитот на руски гас низ Украина се прекина во јануари 2025, дополнително намалувајќи ги алтернативните рути. Секој геополитички инцидент од Ормускиот теснец до руско-украинскиот конфликт, директно се рефлектира во регионалните цени.
Стабилност нема — има само адаптација
Прашањето за Македонија не е само колку ќе чини струјата во мај 2026 година. Прашањето е колку долго уште земјата може да функционира без долгорочна енергетска стратегија која ја намалува изложеноста кон надворешни шокови.
Сè додека европските цени на електрична енергија остануваат структурно поврзани со гасот, изложеноста на геополитички ризик и ценовни шокови ќе остане вградена во јадрото на европскиот енергетски систем. За Македонија, таа изложеност е двојна: ги наследува европските ценовни движења без да ги наследи и европските механизми на заштита. Во таков контекст, не е доволно да се ублажат ударите кога ќе дојдат. Потребно е да се изгради систем кој знае да ги очекува.Европската енергетска криза повеќе не е класична криза на недостиг. Снабдувањето е подобро диверзифицирано. Но цените остануваат структурно нестабилни, поврзани со глобален LNG пазар, азиска побарувачка и геополитика.
За Македонија, тоа значи дека енергетската сигурност сè повеќе ќе зависи од европските одлуки и способноста за брза адаптација: зголемување на обновливи извори (тренд: само 2% во 2025!), намалување на увозната зависност и заштита на индустриските потрошувачи.
25% од македонското население живее во енергетска сиромаштија. Секој ценовен шок на TTF ги чувствуваат и оние кои никогаш не слушнале за таа берза.