Будимпешта и Букурешт гасат светла поради енергетската криза

Екстремните горештини и нискиот водостој на Дунав ја продлабочуваат енергетската криза во Европа, а Унгарија и Романија воведуваат мерки за штедење.

Нискиот водостој на Дунав и долгите топлотни бранови создаваат сериозни проблеми за ладењето на нуклеарните електрани во Унгарија и Романија.

Будимпешта и Букурешт се меѓу европските градови кои воведуваат мерки за штедење електрична енергија поради екстремните горештини и ниските водостоји на големите реки.

Во Букурешт е исклучено декоративното осветлување, а уличното осветлување е намалено за околу една третина. Во Романија до крајот на август е прогласена вонредна енергетска состојба.

И Будимпешта ги намали светлата на дел од своите познати туристички локации. Мерката предизвика различни реакции, но дел од жителите ја оценуваат како одговорен чекор во услови на енергетска криза.

Проблемите се особено сериозни во нуклеарната централа Пакс во Унгарија, каде што поради нискиот водостој на Дунав работи само еден реактор. Централата обезбедува околу 40 отсто од електричната енергија во земјата.

Слична ситуација има и во романската нуклеарна централа Чернавода. Поради недостиг на вода се преземаат вонредни мерки за зголемување на протокот кон централата.

Експертите предупредуваат дека проблемот не е ограничен само на нуклеарните централи. Нискиот водостој и високата температура на реките го отежнуваат ладењето и на други електроцентрали, што дополнително го зголемува притисокот врз европскиот енергетски систем.

Во Словенија, пак, нуклеарната централа Кршко поради нискиот водостој на Сава ќе ја намали производството на електрична енергија за околу 20 отсто. Централата покрива значаен дел од дневната потрошувачка на електрична енергија во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс