Шпанскиот бестселер автор Елој Морено доаѓа на фестивалот „BookStar“ во Скопје

Шпанскиот автор кој потпиша над 11 илјади книги за половина ден пристигнува на есенското издание на фестивалот во Скопје.

Шпанскиот бестселер автор Елој Морено ќе биде главен гостин на книжевниот фестивал „BookStar“ 2026 во Скопје, соопштија денеска од издавачката куќа „Антолог“. Ова е прва посета на познатиот шпански писател на целиот регион. Морено, чиј роман „Невидлив“ стана дел од лектирната програма во македонското гимназиско образование и доби серија на платформата Disney+, пред домашната публика ќе го промовира своето најново дело поврзано со класикот за Малиот принц.

Морено влезе на книжевната сцена во 2010 година кога по завршувањето на студиите по информатика самостојно го отпечати и дистрибуираше дебитантскиот роман „Зеленото пенкало“. Книгата достигна тираж од над 250.000 примероци.

Неговите романи досега се преведени на повеќе од 25 јазици и продадени во над три милиони примероци низ целиот свет. На 8 февруари 2025 година, шпанскиот автор официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди, откако за 12 часа успеа да потпише точно 11.088 книги.

Македонската публика најмногу го препознава Морено преку романот „Невидлив“, издаден во превод на македонски од „Антолог“. Делото отвора теми за осаменоста, социјалниот притисок и тишината што го опкружува насилството меѓу учениците.

По препорака на Бирото за развој на образованието, оваа книга влезе како изборна литература за учениците од прва година гимназиско образование во Македонија. За време на гостувањето во Скопје, „Антолог“ ќе го промовира и најновиот проект на Морено од 2025 година, „Новото патување на Малиот принц“, создаден во соработка со илустраторот Давид Сиера и со дозвола од наследниците на Антоан де Сент-Егзипери.

Овогодишното издание на „BookStar“ се одржува под слоганот „FREE AT LeAST“, со поддршка на Министерството за култура и туризам и странски дипломатски претставништва.

Покрај Морено, на фестивалот ќе учествуваат татарско-руската писателка Гузел Јахина, холандските автори Јап Робен и Саша Бронвасер, романско-молдавската истражувачка Лилјана Коробка и хрватската писателка Мартина Видаиќ. Домашната сцена ќе ја претставуваат десет македонски автори, меѓу кои академик Влада Урошевиќ, Александар Русјаков, Петар Андоновски, Ненад Јолдески и Зоран Спасов-Ѕоф. Организаторите најавија дека точните датуми и локации на настаните ќе бидат објавени во следните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс