Владата предлага измени на Законот за безбедност во сообраќајот со кои се ограничува управувањето со електрични тротинети, се намалува максималната дозволена брзина и се воведува можност за привремено одземање на тротинетот.
Електричните тротинети во иднина би можеле да се возат само од лица постари од 18 години, а максималната дозволена брзина да биде ограничена на 20 километри на час. Ова е предвидено со предложените измени на Законот за безбедност во сообраќајот, кои се најдоа на дневен ред на денешната пленарна седница во Собранието.
Покрај паричните казни, измените предвидуваат и можност за привремено одземање на електричниот тротинет во траење од 30 дена.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на измените, Никола Мицевски, изјави дека потребата од построги правила произлегува од анализите за сообраќајни незгоди во кои учествувале лица што управувале со електрични тротинети.
„Се врши интервенција на брзината, односно максималната брзина да биде до 20 километри на час, со цел намалување на прекршоците со електрични тротинети. Се зголемува и старосната граница, односно минималната возраст за управување ќе биде 18 години“, рече Мицевски.
Според него, старосната граница се зголемува затоа што во повеќе од половина од несреќите со тротинети тие биле управувани од лица на возраст од 16 и 17 години.
Мицевски додаде дека во изминатите две и пол години во сообраќајни незгоди учествувале околу 2.000 лица, при што 46 лица го загубиле животот, а 556 се здобиле со тешки телесни повреди.
Иако предложените мерки се оценуваат како ригорозни, Мицевски посочи дека тие оставаат простор за идни измени и дополнувања. Тој предложи законските измени да бидат донесени по скратена постапка.
Предлогот доаѓа во период кога електричните тротинети сè почесто се користат во урбаните средини, но истовремено растат и забелешките за нивното небезбедно управување, возење по тротоари, непочитување на сообраќајните правила и ризикот за пешаците и другите учесници во сообраќајот.