ID. Buzz, иако потсеќа на возилото од 1960тите, сепак технолошки е далеку од него. Опремен е со најновата технологија, а сите модели нудат батерија и електрични мотори со кои може да поминете преку 400 километри со едно полнење. Според Фолксваген од 5 до 80 отсто возилото се полни за 30 минути на соодветен јавен полнач, додека со домашен полнач, возилото се полни за 11 часа.
Кабината се чувствува пространа каде и да седите. Двете предни нудат удобност речиси како фотелја, пишува „Ауто експрес“. Моделот од 2022 година од 0 до 100 километри на час стигнуваше за 10.2 секунди. Овој модел, Фолксваген го пушти во продажба само во Европа, а цените се движеа од 60 до 70 илјади евра, во зависност од опремата.

Сега компанијата работи на нов модел на ID.Buzz микробус кој треба да излезе во текот на 2024 година и кој ќе се продава и во САД, каде што оригиналниот микробус има најмногу фанови.
ID.Buzz ќе се вози на платформата на Volkswagen Modular Electric Drive (MEB) која моментално ги вози корпоративните производи како што се кросоверот Audi Q4 e-tron и кросоверот VW ID.4. Додека во Европа ќе се продаваат комерцијална и патничка верзија на ID.Buzz, Америка ќе добие само патничка со долго меѓуоскино растојание. Основниот модел располага со единечен електричен мотор поставен назад, кој произведува 282 коњски сили. Се нуди и конфигурација со двоен мотор и погон на сите тркала со околу 330 коњски сили, пишува „Car and Driver“.

Еден деталите кои го издвојуваат ID.Buzz од конкуренцијата е неговата пространа внатрешност, која може да се прилагодува според потребите на сопственикот. Предните седишта имаат прилагодливи потпирачи за раце, како и маси што се преклопуваат за патниците на задните седишта. Помеѓу предните седишта има и отстранлива централна конзола. Верзијата во САД има три реда седишта со простор за седум патници. Истакнатите стандардни карактеристики на ID.Buzz вклучуваат 10,0-инчен контролен екран, приспособливо амбиентално осветлување и масажни предни седишта.

„Инфотејнмент“ системот на комбето VW првенствено работи преку 12,9-инчен екран на допир кој никнува од средината на контролната табла. Се очекува ID.Buzz да има стандардни Apple CarPlay и Android Auto системи и можеби некој вид на систем за забава на задните седишта.
Моделот од 2022 година, кој се продаваше само во Европа, ги надминал очекувањата на компанијата за продажба и според податоците на „Car Dealer Magazin“ продале преку 26 илјади примероци.