Експлозија срамни објект во Загреб: Две лица повредени, делови летале до станица

Според првичните информации, најверојатна причина за експлозијата во ресторан за брза храна е истекување на гас

Две лица се повредени во силна експлозија што утрово, нешто пред 8 часот, се случила во ресторан за брза храна во загребската населба Подсусед.

Од Полициската управа во Загреб потврдиле дека, според првичните сознанија, најверојатна причина за инцидентот е истекување на гас.

Експлозијата се случила на улицата Стара Самоборска Цеста. Полициски екипи вршат увид за да ги утврдат сите околности, а тежината на повредите кај настраданите засега не е позната.

Очевидци за хрватските медиуми раскажуваат дека ударот бил толку силен што целосно го уништил објектот. Делови од покривот и ѕидовите завршиле на блиската железничка станица и врз паркирани автомобили.

Читател на порталот „24sata.hr“, кој се затекнал во близина, раскажал дека во моментот на експлозијата одел да купи леб во блиска пекарница.

„Одеднаш се случи експлозија во близина. Сите се погледнавме, а следниот момент го видовме покривот на таа мала куќичка на железничката станица. Куќата ја немаше“, раскажал очевидецот.

Според неговото сведоштво, во објектот имало двајца вработени. Тие биле во шок, а еден од нив имал видливи изгореници.

„Ми кажаа дека почувствувале мирис на гас кога пристигнале, потоа ја вклучиле вентилацијата, а потоа сè експлодирало. Делови од куќата паднале врз автомобили што биле паркирани во близина“, изјавил очевидецот за „24sata.hr“.

Надлежните служби продолжуваат со увидот, по што треба да бидат познати повеќе детали за причините за експлозијата и состојбата на повредените

е-Трн да боцка во твојот инбокс